Наслов

Јатки за фит срце

Афродизијачките карактеристики на јатките верувам дека ви се добро познати, но дали и нутриционистичките?! Изобилувајќи со здрави масти и бројни витамини тие треба да претставуваат наше секојдневие, од горе и долу наведените причини.

Доказите велат дека луѓето кои неделно често консумираат јатки се помалку подложни за добивање на срцеви заболувања и компликациите кои одат заедно со нив отколку оние кои многу ретко ги консумираат. Неколку студии кои ја разработуваат оваа тематика покажуваат информации дека редовното консумирање на овие овошја ги намалуваат шансите за кардиоваскуларна болести и миокарден инфаркт за дури 30 до 50%.

Овој ефект, јатките го постигнуваат на неколку начини. Богатството со незаситени масни киселини кои тие го имаат помага во намалување на LDL „лошиот“ холестеролот, а ги зголемуваат нивоата на HDL „добриот“ холестеролот. Особено важна група на незаситени масти кои воедно се и есенцијални се омега 3 масните киселини кои превенираат состојби како аритмија, згрутчување на крвта и срцев удар.

Исто така бројни амино-киселини кои се составен дел од јатките учествуваат во релаксирањето на крвните садови, а со тоа и намалување на крвниот притисок.

Витамините пак се бројни. Анти-оксидансите како витаминот Е и фолната киселина како и високите вредности на калиум и диетални влакна само ја дополнуваат перфектната слика на една дневна ужина.

Е сега, сето тоа убаво ама мора да се мисли и на калориите. Бидејќи 80% од јатките се масти, иако повеќето од нив здрави, сепак тоа значи и многу калории. Затоа јадете умерено, а идеално би било кога јатките би ги ставиле како замена за заситените масти во вашата исхрана односно месото, јајцата и млечните производи.

Консумирањето на 40g јатки (односно една рака) дневно во комбинација со скратување на внесот на заситени масти, покрај тоа што делуваат поволно на вашето општо здравје, тие ќе Ве направат и повити!

06 Декември 2012

За авторот