Наслов

Костени - и диви и питоми

Без разлика дали ќе си купите од продавачите кај ГТЦ, ќе си ги сварите во домашна атмосфера или ќе ги потсоберете од тротарите, од костените можете да видите само аир, како од питомите, така и од дивите.

Можеби најубавиот дел од поминување по плоштадите е токму мирисот на печените костени. И колку од вас можат да одолеат и да не потрошат по некоја петдесетка и малку да ги стоплат рацете и вкусовото сетило?! Освен тоа зад костенот се кријат уште многу бенефити.

1. Костените се единствени кои содржат Ц витамин од целата група на јатки. И тоа на една шака костени можете да задоволите дури 40% од дневните вредности. Ц витаминот, освен антиоксидативно дејство, е полезен и за здравјето на кожата бидејќи е одговорен за продукцијата на колаген.

2. Заради големата количина на сложени шеќери, костените се стабилен извор на енергија. На телото му е потребно повеќе време овие сложени молекули да ги доведе до попрости и целиот тој процес побавно се одигрува. Наместо негативни осцилации на шеќерните нивоа во крвта, костените даваат подолго време стабилно ниво на енергија. Додатно, имаат малку маснотии и 0% холестерол.

3. Добивате и добар извор на Б витамини и магнезиум. Овие витамини го релаксираат нервниот систем и учествуваат во клеточниот метаболизам. Недостатокот на некои од Б витамините доведува до нарушување во еритроцитната продукција, состојба позната како анемија, а мегнезиумот е полезен против мускулни грчеви, но и кај високиот крвен притисок.

Освен бенефитите кои ги нудат за организмот, костените се одлични за кулинарско експериментирање. Заради високата содржина на скроб може да ги користите како згуснувач на чорби или сосеви. Освен како закуска, печени или варени, слободно почнете да ги додавате во паста, како прилог, како пире, во салати. Особено полезно е и брашното од костен, кое е многу лесно сварливо.

За туристите во својата земја... Ако сте расположени за прошетка до Горнополошкиот регион, наминете во селото Печково. Таму се прави уникатна и многу вкусна ракија од костени. А ако претпочитате фестивалчиња можете да ја посетите "Костенијадата" во Македонски Брод и да уживате во разновидните производи од костени.

А што правиме со дивите кои паѓаат и ги шуткаме по тротоарите и улиците? Овие не се за јадење, но не се помалку вредни. Една компонента од овие костени - есцин е главна состојка во голем број кремови против проширени, варикозни вени. Делува венотонично и против-воспалително. Мајки, идни мајки, жени на високи потпетици, сите што стоите долго време на работното место, еве еден рецепт од домашната аптека.

Околу 20 костени се засекуваат во вид на крст и се прелеваат со појака ракија во стаклен сад. Така се оставаат на темно место околу 40 денови, а повремено се промешуваат со дрвена лажица. Добиената тинктура ја користите за премачкување, но не и масирање на зафатеното место неколку пати на ден. 

18 Октомври 2013

За авторот