Наслов

Гладен си, ама не за храна

Колку пати ви се случило да се најдете пред фрижидерот и да зјапате во него мислејќи што попрво да земете иако не чувствувате глад? Дали ви се случува постојано да имате потреба да јадете иако во текот на денот не сте прескокнале ниту еден оброк? Кога следниот пат ќе се најдете во вакво или слични сценарио, направете чекор назад и сетете се на оваа статија. Гладот не е секогаш вистинска потреба за храна.

Времето во кое живееме прави сè повеќе и повеќе да бидеме несвесни за природните потреби на нашето тело па оттаму и се помалку успеваме да се соочиме и справиме со сигналите кои нашето тело ни ги испраќа на секојдневно ниво. Наместо тоа, најчесто посегнуваме по најлесното решение а тоа е она што ни е на дофатот на раката и најчесто е поврзано со храна.

Ова е текст кој не осудува, туку има за цел да потсети како и на кој начин да ги препознаете овие сигнали и на полесен начин да го избегнете прејадувањето и проблемите со прекумерната тежина. Препознај го гладот, но не оној за храна.

Вода

Човековото тело е речиси 80% вода. Сите процеси за нормално функционирање се поврзани со оптималното количество на вода во нашето тело. Во текот на работниот ден, а посебно ако во истиот тој ден сте имале и некаков вид на тренинг, вашето тело има зголемена потреба од вода. Но, заради концентрацијата која ја посветуваме на нашите работни оврски и притисокот врзан за професијата, многу често не одговараме на повиците за вода кое нашето тело ни ги упатува.

Кога веќе е прекасно за хидратација, вашиот ум почнува да упаќа сигнали за глад за да добие одредено количество на течности преку храната. Со други зборови, гладта често е маскирана потреба за вода. Затоа во никој случај не смеете да ја игнорирате жедта. Секогаш имајте чаша вода во ваша близина и хидрирајте го вашето тело.

Сон

Да бидеме искрени, колку често имате потреба од дремка за време на работниот ден? Дали спиете осум часа дневно? Сонот е еден од клучните фактори за нормално функционирање на човекот. Недостатокот на сон има директно влијание врз зголемување на апетитот и тоа заради дисбаланс на хормоните Лептин и Грелин. Грелинот е хормон кој е задолжен за да сигнализира глад и да стимулира апетит, а пак Лептинот е хормон кој ни уксжува кога сме сити. Недоволниот сон докажано ја зголемува количината на Грелин и ја намалува количината на Лептин. Тоа пак значи дека ќе имате честа потреба за јадење и постојано нема да се чувствувате дека сте целосно сити.

Релаксација

Слично на недостатокот од сон, стресот на секојдневието и недоволното време за себе и време поминато во релаксација, прави хормонска нерамнотежа во нашиот организам. Кога сме изложени на стрес и нервоза кои не се гаснат или се репетитвни, нашето тело лачи зголемени количини на Кортизол. Кортизолот е хормон кој е задолжен за повеќе функции, но една од нив е манифестиција на зголемен апетит и складирање на енергија која не е непходна (масни наслаги).

Речиси идентичен процес настанува и при емотивна нестабилност или неисполнетост. Кога се чувствувате депресивно, разочарано, нервозно, кога ви е досадно и слично, нивоата на Серотонинот (Хормонот на среќата) значително опаѓаат. Храната е една од можните опции да го зголемите неговото ниво.

31 Август 2017

За авторот