Една чврга ве дели од многу здравје

Научете ја мајсторијата на дигитално (лат. digitus /ˈdi.ɡi.tʊs/ – прст ) бирање лубеница и посетете го маалскиот чичко со камиончето бостан.

Овој мега зеленчук (да зеленчук!), братучед на краставицата и тиквата, е перфектниот освежувач кога температурите полудуваат.

Содржи дури над 93% вода. Секое парче лубеница можете да го сметате за чаша вода, збогатена со уште многу битни нутрициенси и антиоксиданси. Ем за рехидратација, ем за здравје.

Инаку лубеницата го претркува дури и доматот во однос на содржината на ликопен. Овој црвен пигмент, кој се смета за најмоќен антиоксиданс, може да ви помогне да му направите една летна генералка на организмот од слободните радикали. 

Уште еден битен факт за лубеницата е дека содржи и една аминокиселина т.н. цитрулин. Имено цитрулинот се поврзува со кардиоваскуларното здравје, а исто така се смета за детоксификатор.

За крај секако е спакувана со уште еден тон од витамините Ц, А и Б6, некои минерали како калциум, железо, магнезиум, а и топло ви препорачуваме да не ги избегнувате семките. Тие содржат мало минерално богатсво како цинк, манган, бакар, калиум, а и ќе ви ја олеснат дигестијата.