Добриот грав надалеку се слуша

Октавите што проникнуваат од нашите задоволни стомаци се вистински сведок за позитивните ефекти на оваа храна врз нашето здравје. Секој грав несомнено е добар, а дали ќе се слуша зависи од тоа дали ќе го јадеме. Денеска ќе се обидеме да ве натераме што почесто да ја консумирате оваа супер богата храна.

Независно дали е тетовски, црн, лима, мунг, пинто или црвен и зготвен од некој професионален готвач или од баба, тој претставува одличен извор на хранливи продукти, особено на протеини. Содржи 23g протеини и само 1,6g масти на 100g грав, за разлика од црвеното месо што содржи 30g протеини, но со многу повисоки вредности на масти, во просек над 9g! Исто така, овие масти се далеку поздрави во однос на месото, односно 90% од нив се незаситени, а тоа, секако, оди во прилог на здравјето.

Јаглехидратите што се застапени имаат низок гликемичен индекс (GI) од 27 до 42 што помага во намалување на шеќерното ниво во крвта со што го олеснува третирањето на дијабетесот и хиперлипидемијата.

Исто така, тој претставува еден од најдобрите извори на нерастворливи и растворливи хранителни влакна. Растворливиот тип влакна се раствораат во вода при што помагаат во намалување на нивото на LDL („лошиот”) холестерол, без притоа да дејствуваат на HDL („добриот”) холестерол. Освен ова, нерастворливиот тип влакна имаат важна улога, тие привлекуваат вода во столицата и ја зголемуваат пасажата на материите низ дебелото црево. Со ова гравот превенира запек, канцер на дебелото црево и други заболувања на дигестивниот тракт. Со еден збор, тој е еден од перфектните чистачи на цревата.

Да не ги заборавиме антиоксидансите, витамините и минералите што ги содржи гравот како флавоноидите, витамините B1, B2, B6, фолната киселина како и минералите, бакар, фосфор, манган и магнезиум.

Иако големата количина хранителни влакна предизвикува појава на гасови, кои може да бидат доста непријатни, гравот и легуминозите треба да се внесуваат почесто поради горенаведените причини. Американската нутриционистичка програма предлага внесување околу 250g трипати неделно легуминози за максимално да се искористат бенефициите од овој продукт.

И не берете гајле ако ви остане вишок од петочкиот грав. Еве еден предлог што вкусно да направите со него.