Дали белиот ориз е навистина толку лош?

Од пред некое време започна ера на демонизација на „белата храна”. Под овој термин се сместија сите продукти од бело пченично брашно, лебот, пастата, белиот ориз, па и компирот рамо до рамо со озлогласениот рафиниран шеќер. Меѓутоа дали оваа политика е праведна?!

Вистината е дека во случајот со оризот можеби и нема огромна разлика дали при следното пазарување ќе посегнете по кесичка со бел или интегрален ориз.

Голем дел од нутриционистите препорачуваат исфрлање на овие производи од едноставни причини што некако се покажа едноставно правилото „секоја бела храна е лоша” за да се запомни и примени, но всушност вистинскиот проблем со оваа храна е прејадувањето и секако масните и нездрави додатоци и сосови со кои ја комбинираме.

Ако ги споредиме двајцата главни актери, белиот и интегралниот ориз во однос на нивната нутриционистичка карта, единствената поголема разлика е во содржината на диетални влакна, со 3g за интегралниот и 0.5g за белиот ориз, а во минералната и витамиската содржина баш и нема голема разлика. Оваа разлика во диеталните влакна станува значајна само кај групата на дијабетичари кои имаат проблем со контролирање на шеќерните нивоа во крвта.

И да, останува фактот дека храната која што содржи повеќе диетални влакна ќе ве
држи повеќе време сити. Но, наместо интегрален ако во комбинација со стариот
добар бел ориз додадете и една рака варена леќа, малку морков и цвекло како салата, всушност и нема да направи некоја разлика каков ориз сте свариле денес за ручек.