Чудесното овошје – домат

Можеби малку подзастанавте кај насловот, но тој е сосема точен и додека голем дел од нас доматот го сметаат за зеленчук, ботанички тој спаѓа во групата на овошја, а ние ќе го сместиме во групата на „чудесни“овошја поради неговите нутриционистички вредности.

Првично култивиран од Ацтеките, кои го именувале„xitomatl“име кое подоцна преминало во „tomatl“што во буквален превод значи „овошјето кое набабрува“ преку шпанските колонии тој е пренесен во Европа и низ светот. Оттогаш наваму тој е одгледуван и конзумиран насекаде низ светот без разлика на неговата форма, како свеж, како состојка на некој сос или јадење па дури и пијалок. И сето тоа со право, бидејќи доматот е вкусен и здравствено бескрајно вреден.

Зошто домат?
Ниската калорична вредност во комбинација со високите вредности на анти-оксидансните материи вклучувајќи го и ликопенот го прават овој продукт едноставно перфектен и интересно е тоа што тој дава повеќе здравствени бенефити отколку јаболкото.

Имено ликопенот е витален анти-оксиданс кој не се создава во човековиот организам, па тој мора да се внесува преку исхраната за да се искористуваат неговите анти-оксиндансни моќи.

Доматот е буквално пренатрупан со оваа супстанца од каде потекнува и неговата црвена боја и со тоа помага организмот да се бори против слободните радикали. Тој е исто така богат и со други есенцијални супстанци како витамин А, бета-каротен, ксантин и лутеин, добра доза на витамин C како и калиум наспроти ниските вредности на натриум.


 Предлог рецепт: СУШЕНИ ШЕРИ ДОМАТЧИЊА ВО МАСЛИНОВО МАСЛО


Целата оваа комбинација и извор на анти-оксидансни материи и витамини помага во превенција на рак на простата, рак на грлото на матката, рак на дебелото црево како и малигни формации во устата, грлото и хранопроводот. Исто така доматот помага и во спречувањето на понатамошното ширење на веќе настанатите несакани состојби.

Tој помага и во превенцијата на срцевите заболувања, го намалува холестеролот во крвта, а новите истражувања покажуваат дека внесувањето на овој продукт може да го намали ризикот од макуларна дегенерација односно старосното губење на видот.

Каков домат?
Горе доле, не е важно. Покрај тоа што доматот е подеднакво богат со сите негови состојки во неговата свежа форма интересно е тоа што вредностите на ликопенот растат со неговата термичка обработка спротивно на мислењата дека тие се уништуваат. Тоа значи: конзумирајте домат, доматно пире, кечап и сите останати доматни форми (bloody marry помалку) што повеќе за поздрав живот.

Потребни се околу 500ml на доматен џус на ден за да се добијат бенефитите од ликопенот, а тоа значи дека една чаша на ден или редовното конзумирање на ова феноменално овошје има огромен потенцијал да не направат поздрави.