Наместо капсули од аптека, рака бомбончиња од природата

Аронијa, за тело полно хармонија

Аронијата направи експлозивен камбек!

Иако вкусот не и не за величење (има адстрингентно дејство, ја собира устата како зелените смокви и мушмулите), бенефитот од аронијата е огромен.

Оваа малку подзаборавена бобинка низ историјата, денес е лидер во антиоксидациската содржина. Аронијата е богата со витамин Ц и антоцијанини, пигменти кои и ја даваат темно виолетовата боја, со дури 1480 мг антоцијанини во 100 грами.

Овие пигменти имаат антиоксидациско својство и ги уништиваат слободните радикали, а исто така според најновите истражувања поседуваат и антиинфламаторно својство. Имено антоцијанините имаат способност да ја намалат концентрацијата на проинфламаторните хемокини и имунорегулаторните цитокини во плазмата и на тој начин да ја намалат инфламацијата. Се смета дека овој потенцијал може да биде искористен како третман или превенција на хроничните инфламаторни заболувања.

Аронијата исто така се покажала како антидијабетична храна. Имено, иако научниците се несигурни за механизмот на делување, сепак оваа бобинка се покажала како ефективна во намалување на концентрацијата на шеќерот во крвта кај пациенти со дијабетес мелитус.

И секако, се користи за истата намена за која ја користеле и на нејзиното нативно тло. Нативните Американци често знаеле да консумираат аронија за гастрични проблеми или за подобрување на работата на дигестивниот тракт.

Од другите есенции вредни за споменување се количината на калиум, манган и витамин К, а исто така содржи и други витамини како Е, А, фолати. Кај аронијата нема ништо што може да ве спречи веднаш да почнете да ја консумирате, дури и лесно успева и на нашето тло, па сите кои сакаат да се релаксираат во градината може да си посадат по едно грмушче.