Наслов

Капка живот

При жед или замор, многупати посегнуваме по овошни сокови или газирани пијалоци, но фактот што 1 молекула на глукоза врзува 4 молекули на H2O не прави уште пожедни. Само водата може вистински да не врати во нормала, бидејќи ние СМЕ водата која ја пиеме.

Неколку факти

Веројатно некаде сте се судриле со фактите за водата, а некои од нив и свесно сте ги почувствувале на своја кожа. Според нив, се чини дека како суштества сме многу близу до медузите, односно еден возрасен човек содржи над 70% вода, ембрионот е повеќе од 80%, додека новороденчето содржи околу 74% вода. Од оваа пресметка, најводенест е џигерот со 96%, потоа крвта со 80% и мозокот со 75% застапеност на водата. Затоа дехидратација се јавува дури и при пад за 5% на телесните течности, а доколку се намалат за 15% може да настапи смрт.


Дури 2/3 од тежината на човекот отпаѓа на водата, така што наредиот пат кога ќе се мерите на вага можете слободно да ја обвините и водата за накачените килограми. Секако, тоа не е причина да ја избегнувате, туку напротив, токму конзумирањето вода ќе ви помогне при елиминирање на наталожените масти.Човечкото тело на дневна база троши околу 12 чаши вода. Од нив, на стапалата отпаѓа 1/2 до 1 чаша вода, 2-4 чаши трошиме на дишењето, 2 чаши на потта и околу 6 чаши се губат при уринирање.

Вода за слабеење

Студиите покажуваат дека кога водата во организмот се зголемува, масните наслаги се намалуваат, и обратно. Објаснувањето за оваа појава лежи во соработката помеѓу бубрезите и џигерот. Односно, кога човек не внесува доволно вода, бубрезите не можат нормално да функционираат, а кога не функционираат со полн капацитет, дел од нивната работа се префрла на џигерот. Со тоа и џигерот (чија главна функција е внесените масти да ги преработи во искористлива енергија за телото) станува оптеретен. Резултатот е таложење на масти во организмот и застој во процесот на слабеење.

За да ги намалите килограмите, водата може да ви помогне на многу нивоа. Најочигледниот начин е преку намалување на апетитот со редовна, умерена конзумација на вода во текот на денот, поради што не се јавува лажната сигнализација за глад. Соодветната хидратација придонесува за нормално движење на отпадните продукти низ цревата, а со тоа се спречува запек. Затоа според Коелмеј, доколку сакате што побрзо да се исчистите од отпадоците во вашето тело, конзумација на течности со растителни влакна е перфектната комбинација, бидејќи растителните влакна набабруваат од течностите и добиваат улога на метла која им помага на цревата побрзо и правилно да работат.

Поради недостаток на вода во организмот може да се јави и задршка на течности или подуеност. Телото реагира како да е во животна опасност кога му недостасува вода и ја задржува секоја капка во екстрацелуларните простори, реакција која се перципира како потечени раце, нозе или стапала. Исто така, претерана конзумација на сол предизвикува подуеност, бидејќи на телото му треба вода за да ги разгради високите нивоа на содиум. Од подуеноста можете да се ослободите доколку внесувате вода во препорачаните количини, а што помалку сол.

Предозирање

Но, претпазливо! Пиењето премногу вода може да биде и опасна за здравјето. Кога бубрезите не можат да го преработат вишокот вода, електролитната (минерална) содржина во крвта се разредува и предизвикува ниски нивоа на содиум во крвта, состојба која се нарекува хипонатремија. Иако ретко се јавува кај здрави возрасни луѓе со нормални прехрамбени навики, спортистите на долги стази како маратонците, кои пијат големи количини вода, се подложени на ризик од хипонатремија.

Затоа, при голем физички напор што трае подолго време, покрај водата треба да се земаат и потребните нутриенти како:
-океанска морска сол (во мали количини), хлориди;
-преку 84 електролити кои обично ги содржат изотоничните пијалоци;
-протеини од животинско потекло и јајца, кои помагаат солта и водата да останат во крвните садови, а не да истечат надвор во ткивата;
- и "добри" заситени масти, бидејќи водата во нашите клетки всушност произлегува од метаболизмот на мастите.

Сепак, водата останува главен регулатор на телесната температура при вежбање.

Детектирање на дехидратација

Бидејќи телесните течности ги транспортираат отпадните материи во и надвор од клетките, тие помагаат и при исфрлање на главниот токсин во телото, уреата. Таа се создава при разградувањето на протеини во џигерот, а со неа доаѓа и параметарот BUN (Blood Urea Nitrogen). Уреата е растворлива во вода и лесно може да помине низ бубрезите (кои имаат задача да ја филтрираат крвта од уреата) од каде се исфрла преку урината. Со тестирање, преку покачени вредности на параметарот BUN во крвта и абнормални нивоа во односот на BUN-креатинин може да се дијагностицира дехидратација на организмот.

Симптоми на дехидратација се гадење и грчеви во стомакот, дезориентираност и конфузија, замор, болки во појасот, болки во зглобовите, урина со темно-жолта боја, додека сигналот "сува уста" веќе е знак за екстремна дехидратација.

Последици од дехидратација

Недоволната конзумација на вода, може да резултира и со камен во бубрегот. Водата ги раствара минералите и солите во урината кои го спречуваат овој процес.

Водата го неутрализира стресот и ја зголемува концентрацијата, затоа што недостигот на вода предизвикува стрес на телото и на умот, а со тоа се намалува и способноста за концентрација.

И мигрените често се резултат на дехидрација, така што од таа непријатна болка можете да пробате да се ослободите со неколку чаши вода.

Оваа чудотворна течност да влијае и на вашата убавина, ја подобрува циркулацијата на телото и го чисти од токсините, а со тоа кожата зрачи со здравје. При дехидратација кожата се суши, пука и се брчка.

Без вода нема ни слободно дишење, бидејќи при процесот на вдишување кислород (О2) и издишување на јаглероден диоксид (CO2), белите дробови мораат да бидат подмачкани со вода.

Соодветна хидратација

Постојат поделени ставови за количеството вода кое треба да се внесува на дневно ниво, но според Америчкиот Институт за медицина во нормални климатски услови, просечен здрав маж треба да внесува околу 3 литра течности (13 чаши), а просечна здрава жена околу 2.2 литра течности (9 чаши). Оваа бројка варира при засилени физички активности, состојби како покачена температура и повраќање, топли и влажни климатски услови, како и бременост и доење.

Сепак, индивидуална е потребата за течности на секој човек. Добро е да ја следите фрекфентноста на уринирање како и бојата на урината која треба да биде светло-жолта кон безбојна при адекватна хидратација. Но најдобро е да се консултирате со вашиот лекар доколку сакате точно да ви го одреди дневниот внес на течности.

Општо прифатени правила се да пиете чаша вода или некој друг нискокалоричен пијалок со секој оброк и меѓу оброците, како и умерено пиење минерална вода или изотоник пред, за време и по физичките активности.

 

11 Октомври 2012

За авторот