02-04.03.2013

Зимско искачување на Голем Кораб (2.764 м.н.в.)

Голем Кораб, највисоката точка во Република Македонија, врв кој во текот на годината привлекува многу планинари, особено за време на традиционалната акција во месец септември.

Меѓутоа, во зима не е така, планината сосема го менува својот лик. Во последните 5-6 години нема ниту едно регистрирано успешно зимско искачување од македонска страна, а на прсти се бројат и обидите за такво нешто. Овој пат бевме решени конечно да успееме во намерата, а временската прогноза требаше да ни оди во прилог…

Се организиравме приватно и во саботата на 2 март, во пет часот наутро тргнавме од Скопје и се упативме кон караулата Стрезимир во подножјето на Кораб во тричлен состав: јас – Алек, Един од ПСД “Бистра” и Никола од ПД Бистра – Гостивар. Кај долната караула пристигнавме нешто после 7 часот и по кратки подготовки се упативме во освојување на планината. До караулата ‘Победа’ стигнавме за час и половина, следеше мал одмор и повторно во движење. Времето беше облачно, како што и очекувавме според прогнозата. Кога излеговме од шумата, скршнавме во лево и се искачивме на сртот што се простира над бачилото, со цел да го избегнеме газењето на премногу длабок снег. Полека навлеговме во облак што многу ни го отежна движењето, па секој следен чекор го правевме според ГПС уредот.

Во 15:30 часот веќе бевме на 2.270 м.н.в. и на место каде постојат услови да се постави шатор, па не се двоумевме околу тоа. Немаше логика да продолжуваме упорно на ‘слепо’, натоварени со по 20-тина кг. опрема. Шаторот го поставивме брзо и се сместивме. Најпрвин ги завршивме стандардните процедури за топење на снег, варење супа и тестинини, за околу 19 часот да си легнеме. Не чекаше долга ноќ, но не и многу студена.

Утрото се разбудивме според планот во 5 часот, во очекување да пристигнат нашите пријатели од ПСД “Кораб”: Виктор, Славчо, Бојан и Миле. Околу 6 часот веќе беа пред шаторот, а по пат се движеле по нашите траги. Сѐ уште бевме во облак и немаше никаква видливост за да продолжиме кон врвот. Се одлучивме овде да чекаме, па некако успеавме да се собереме сите седум луѓе во шаторот предвиден за тројца J. Поминавме внатре скоро два часа, а немаше надеж дека за брзо време ќе се променат условите. Јас и Един одлучивме да чекаме во шаторот барем уште 24 часа. Останатите мораа назад, немајќи време, ниту опрема со себе, да кампуваат овде чекајќи временските услови да се подобрат и ни дадоа поддршка пред заминување. Штом другите заминаа, се фативме за работа и почнавме да топиме снег, бидејќи залихите од вода ни беа минимални.

Околу 9:30 часот во шаторот почна да станува невообичаено топло, а веќе во 10 часот облаците се расформираа и над нас имаше само сино небо. По кратки пресметки и размислување, во 10:30 часот решивме, сепак да се упатиме кон Голем Кораб со минимална потребна опрема. Се движевме брзо и без паузи, знаејќи дека немаме многу време. За отприлика два часа се искачивме по гребенот на врвот Кепи Бард, каде ГПС-от покажуваше 2.595 м.н.в. Од таму веќе ни беа во видик сите маркантни врвови на Корабскиот масив: Голем и Мал Кораб, Радомирски врв и целиот гребен од Рибничка Скала преку Кабаш до Боази… Од овде веќе немаше назад, неколку минути пауза и веднаш понатаму, внимателно го спуштавме гребенот од Кепи Бард кон Голем Кораб, се додека не се спуштивме на околу 2.450 м.н.в. Уште една мала пауза и следеа последните 300 висински метри.

Поради топлото сончево време, се уште се пропаѓаше во снегот, па и ние се менувавме во водството се до самиот гребен пред врвот. Конечно во 14:05 часот застанавме на врвот Голем Кораб – 2.764 м.н.в. прво искачување оваа година и веројатно – прво зимско во последните неколку години наназад. Направивме неколку фотографии за спомен и не губејќи време, тргнавме назад.

Кај шаторот се вративме околу 17 часот и веднаш легнавме внатре да земеме здив. Веќе имавме донесено одлука, да го собереме шаторот и да се симнеме да кампуваме пониско кај караулата. Набрзина се спакувавме и со полни ранци слегувавме надолу. На половина пат не стемни и кај караулата се симнавме во 19:15 часот. Таму кампувавме, за следното сончево утро во 8 часот да продолжиме кон автомобилот и конечно на пат кон дома.

Во Скопје пристигнавме во 13 часот. Возејќи така, понеделнички, ги гледав сите луѓе раздвижени по улиците на разни страни… А јас пресреќен, што се враќам од искачување на врвот Голем Кораб.