Наслов

Успешно искачена „Зимската балканска трилогија” во еден здив

Трите највисоки планински врвови на Балканот, календарска зима со доста снег, тројца планинари и еден неспецифичен авантуристички обид - да се искачат за што е можно пократок период. 

Екипата

На 25.12.2017, македонските планинари Александар Кирковски од ПК Македон, Игор Јовановски од ПСД Макпетрол и Димитар Тодоровски од ПК Македон беа дел од вториот обид за зимско последователно брзинско искачување на трите највисоки балкански врвови - Мусала 2925 мнв, Митикас 2918 мнв и Вихрен 2914 мнв.

Како цел на оваа неспецифична авантура и планинарски подвиг беше поставено искачувањето на овие врвови кои се наоѓаат на различни локации во Бугарија и Грција во што е можно пократок временски период со користење на конвенционален транспорт помеѓу локациите. Минатата година беше направен првиот обид каде Игор и Александар ги искачија Митикас и Вихрен каде обидот заврши.  

На Митикас - Олимп

Оваа година со поголема снежна покривка и потешки услови, јасно беше дека временската рамка од едно деноноќие е премала за искачувањата (вклучително и транспортот), па затоа екипата едноставно појде во обид да ги искачи во што е можно пократок временски период. 

Искачувањето стартуваше 10 минути пред полноќ на 25.12.2017 (по локално време) од месноста Горциа откаде Кирковски и Јовановски го искачуваа Митикас преку платото на Музите. Во раните утрински часови тие веќе беа на врвот, а целокупното искачување (22,5 km со 2300 метри денивелација) го направија за 9 часа и 26 минути. 

*Напомена - времето на движење и темпото може да се изменети од алгоритамот на Страва


Следеше транспорт до Банско, Бандеришка Полјана, каде заедно со Димитар Тодоровски, за 4 часа и 45 минути го искачија третиот највисок врв на Балканот - Вихрен 2914 мнв на планината Пирин - (15 km со 1230 метри денивелација). 

Веќе во втората ноќ тие започнаа да го искачуваат третиот и највисок врв Мусала каде Јовановски поради замор остана во домот на 2500 мнв, а Александар Кирковски заедно со Димитар Тодоровски успешно го искачија и овој врв за вкупно време од 7 часа и 35 минути - (22,8 km со 1560 метри денивелација). 

Со ова, Кирковски успеа да ја комплетира зимската трилогија со вкупно време на искачување - 21 час и 06 минути и целосно време од 30 часа и 35 минути (вклучувајќи го и транспортот). 

Според информациите на екипата, зимската трилогија претставува исклучително тежок планинарски потфат чија крајна цел не е трката со времето, туку со сопствените психофизички можности!

Детални информации 

1. Митикас 2918 мнв - (22,5 km со 2300 метри денивелација) - време на искачување и спуштање 9:26h

2. Вихрен 2914 мнв - (15 km со 1230 метри денивелација) - време на искчување и спуштање 4:45h

3. Мусала 2925 мнв - (22,8 km со 1560 метри денивелација) - време на искчување и спуштање 7:35h

  • Вкупна должина и висинска разлика - 60km со 5000 м Д+
  • Вкупно време на искачување - 21:06h
  • Вкупно време со транспорт - 30:35h

Зајдисонце на Вихрен

На последниот врв - Мусала

27 Декември 2017

За авторот