Наслов

Започна полската зимска експедиција на К2

На неколку дена пред новата 2018 година (29.12.2017), тринаесетчлена експедиција составена од едни од најдобрите полски високогорци и алпинисти ја започна експедицијата која за цел има да го искачи последниот хималајски врв повисок од 8000 метри - К2. 

К2

И додека најголемиот дел од 14-те врвови повисоки од 8000 метри (воедно и највисоките врвови во светот), кои се стационирани во Хималаите и венецот Каракорам, за прв пат се искачени релативно рано - во периодот од 1950-тите до 1964 година, нивните зимски искачувања не започнуваат сè до 1980-тата година кога Полска, како една од земјите со најистакнати и успешни хималајски експедиции го популаризира зимскиот хималаизам. Анджеј Завада се смета за таткото на зимскиот хималаизам и еден од првите кои се обиделе да организираат зимско искачување на К2. 

Од 1980 година па се до 2016 година во зимски услови беа искачени 13 од овие врвови, оставајќи го К2 последен во низата. Кога ќе се земе фактот дека 10 од овие врвови во зимски услови се искачени од чисто полски експедиции (само на Шишапангма Пиотр Моравски беше со Италијанец - Симоне Моро), тогаш може да се заклучи дека токму тие (Полјаците) се своевидни специјалисти во овие екпсдиции.

Во текот на овие 35 години, К2 виде само неколку обиди за зимско искачување, во споредба со Нанга Парбат која имаше околу 30 неуспешни пред да биде искачена во  2016 година. Најголема причина за ова е самата суровост на планината, нејзината географска отсеченост и потребата за огромна и скапа логистика, но и екстремно комплексните временски услови и објективни опасности на планината кои истата ја прават една од најопасните планини. Нешто повеќе за зимските обиди на К2 читајте тука.

Експедицијата која оваа година има за цел да направи успешно искачување на К2 е водена од 67-годишниот Кшиштов Виелицки - еден од најпознатите полски искачувачи. Покрај него стои сериозна група на високогорци и луѓе од различни специјалности кои веќе биле на повеќето врвови над 8000 метри и во високогорски планински услови, а како главни кандидати за искачувањето се сметаат Денис Урубко и Адам Биелецки. 

Предвидената рута на искачувањето

Планот е да се дејствува по југоисточниот гребен - Баскиската рута која оди помеѓу класичната насока Абруци и Полската рута (Кукучка-Пиоторовски). Некаде на 8000 метри помеѓу „Црната пирамида” (Black Pyramid) и „Ботлнек” (Bottleneck), на т.н. „рамо” рутата се приклучува на класичната Абруци насока. 

Јануш Голаб, спортскиот директор на експедицијата вели дека загатката лежи во метеоролошките и снежните услови на кои ќе налета тимот. Голем проблем би бил недостатокот на снег во одредени делови (кој може да биде оддуван од силни ветришта) под кои останува т.н. „црн мраз” и чиста карпа. „Доколку имаме шанси да начекаме добар, цврст снег, тоа би било идеално за нас” - изјави Голаб. 

Експедицијата е еден вид на продолжение на проектот „Зимски полски хималаизам”  ("Polski Himalaizm Zimowy") кој беше започнат во 2010 година од Артур Хајзер. Овој проект беше своевиден камбек на полските зимски искачувања на највисоките врвови, каде беа искачени Брод Пик и Гашербрум I, а поттикна и други тимови да ја испишат историјата. Сега останува единствено К2. 

Екпедицијата најпрво патува за Исламабад, оттаму се трансферира до месноста Асколе откаде започнува околу 90 километри долг трансфер со пешачење (нема можност за моторизирани средства или хеликоптер) до глечерот Балторо 5150 мнв во подножјето на К2. Предвидено е некаде на 10 јануари искачувањето да започне. 

Целосниот состав на експедицијата: 

Кшищоф Виелицки (Krzysztof Wielicki) – рaководител,
Jaнуш Голаб (Janusz Gołąb) – спортски рaководител,
Јарослав Ботор (Jarosław Botor),
Пиотр Снопчински (Piotr Snopczyński) – раководител на базен камп,
Дариуш Залуски (Dariusz Załuski) – алпинист и кинематограф,
Мачиеј Бедрејчук (Maciej Bedrejczuk),
Адам Биелецки (Adam Bielecki),
Марек Хмиеларски (Marek Chmielarski),
Рафал Фронја (Rafał Fronia),
Марчин Качкан (Marcin Kaczkan),
Артур Малек (Artur Małek),
Денис Урубко,
Пиотр Томала (Piotr Tomala)

02 Јануари 2018

За авторот