ИСТРЧАЈ ГИ ВОДНО И МАТКА ВО ЕДЕН ПРОЛЕТЕН ДЕН!

Наслов

Водно-Матка Маратон - Авантурата продолжува, пријавувањето е отворено

По успешното прво и снежно издание на трката во планинско трчање „Водно-Матка Треил Маратон" кое се одржа на крајот од март 2018 година и на кое учество зедоа 320 тркачи од 15 држави, идната година напролет, планината Водно и кањонот Матка ќе бидат домаќини на второто издание кое е закажано на 31.03.2019 година.

Тркачите ќе имаат можност да одберат некоја од двете планински трки со должина од 26 и 42 километри - маратон и полумаратон, и да се обидат да се надминат себеси на исклучително тешките но прекрасни планински патеки низ Водно и Матка. Стартот е предвиден од месноста „Полиција" во населбата Водно, а финишот на врвот Крстовар - планинарскиот дом Даре Џамбаз.

Временскиот лимит за минување на полумаратонот ќе биде 7 часа, а за маратонот 11 со тоа што на 27-тиот километар (Матка) ќе биде предвиден дополнителен временски лимит.

Трката е отворена за сите љубители на планината и движењето, а патеките минуваат низ едни од најинтересните делови и погледи на пределот како и бројните културно-историски локалитети во околината - вкупно 7 цркви и манастири, покрај реката Треска и езерото Матка, селото Горно Нерези итн.

Целта на настанот е да се придонесе во развојот на планинското трчање и спортовите во природа во Македонија, да се промовира активниот животен стил и рекреирањето на планина, скопскиот регион да се етаблира во светските календари за планинско трчање, но и да се покаже желбата за заштита на овој природен регион и едно од последните чисти места за спортување од понатамошна узурпација и уништување.

Повеќе информации може да пронајдете на веб-сајтот vodnomatka.mk, а пријавувањето е веќе отворено.

26 Декември 2018

За авторот