Вертикалниот маратон на Емпаер Стејт Билдинг

Австралијците Марк Боурн и Сузи Валшам се најбрзите натпреварувачи на вертикалната трка низ скалите на Емпаер Стејт Билдинг оваа година. Предизвикот пред нив беше ни помалку ни повеќе туку точно 86 ката и 1,576 скали.

Боурн финишираше за 10 минути и 12 секунди што во просек испаѓа дека поминал 2,5 скали за 1 секунда. Сузи пак, заврши со време од 12 минути и 5 секунди и со тоа го комплетираше феноменалното машко/женско Австралиско дуо на вертикалниот маратон кој се одржува по 36ти пат.

Оваа година на трката се појавија вкупно 600 натпреварувачи меѓу кои 30 професионални вертикални тркачи, голем број на фитнес ентузијасти како и 200 натпреварувачи за хуманитарни цели.

Многу од познатите тркачи на облакодери се натпреваруваат и во Светското Вертикално Натпреварување кое вклучува трки во згради низ Швајцарија, Шпанија, Тајван, Кина, Виетнам, Сингапур и Бразил.

Според експертите, трчањето на високите облакодери бара различни тренинзи и издржливост за разлика од маратоните на рамна површина. За време на маратоните, тркачите можат да си го регулираат темпото, додека при вертикалните маратони тие прават нешто што наликува на трчање спринт.

Најбрзите мажи го финишираат 320 метарското качување во просек за 10 до 12 минути, додека жените се од прилика 1 минута поспори.

Рекордот во машка конкуренција го држи Паул Крејк, исто така од Австралија, за 9 минути и 33 секунди. Женскиот рекорд пак, го држи Андреа Мајр од Австрија со 11 минути и 23 секунди.