Важноста на планинските спасителни служби – интервју со Дарио Милошевиќ

Богатата скијачка сезона во Македонија полека привршува, но едно од често занемарените прашања е каква е нашата безбедност на самата планина. Ова прашање не се однесува само на скијачките центри туку и многу подлабоко во сферите на една планинска држава како што е Македонија. Решивме да поразговараме со Дарио Милошевиќ, алпинист, љубител на планината и спасител при Планинската Спасителна Служба која секоја зима оперира на Попова Шапка. 

Кажи ни нешто повеќе за минатото и за важноста на улогата на планинските спасителни служби во една држава.

Со ПСС (планинска спасителна служба) започнав да се бавам 1997-98 година кога работев на еден проект за изработка на првиот предлог закон за планинска спасителна служба во Македонија. 1998 ни се случи една голема трагедија кадешто четворица мои колеги, алпинисти загинаа на Солунска глава во лавина и тука поинтензивно се зафатив со овие работи. За жал, предлог законот никогаш не помина и можам да кажам дека Македонија во поглед на планинските спасителни служби е се уште осакатена.

Во 2004 и 2005 направивме еден обид каде формиравме единица за интервенции при Црвен Крст која што ја раководев јас, но оскудните услови и средства не овозможија тоа да прерасне во озбилна служба.

Ова што сега ние го работиме е всушност моја мала приватна фирма со многу мал капацитет која може да покрива еден ски-центар, во моментов тоа е Попова Шапка. Вон ски-сезоната екипата излегувала и на други повици, пред се поради љубовта на луѓето кои се во оваа професија.

Инаку улогата на една ваква служба во една држава е огромна. Ако тргнеме само од една Хрватска, нивната спасителна служба на годишно ниво има повеќе случаеви од заедничкиот број на пожарникарите и брзата помош. Значи вршат огромна улога во државата, дејствуваат на секаков вид на терен, значи не само на планините туку и обалата, непристапните патишта, островите…

Македонија географски во 74% проценти е планинска земја па функционирање на една ваква служба е од исклучителна важност за нашата држава. Меѓутоа, туризмот кај нас не е доведен на тоа ниво, и нема ни да биде доведен затоа што туристите бараат два основни критериуми кога во прашање е оваа тематика, а тоа е инфраструктура и безбедност, која ние не можеме да ја обезбедиме.

 

Кои беа вашите очекувања за оваа сезона?

Нашите очекувања и оваа сезона како и сите други сезони биле дека нема да има потреба од ниту една интервенција (хаха, се смее), тоа го очекуваме секогаш и во секое време, меѓутоа, за жал статистиката кажува нешто друго.

Колку спасителни акции имавте оваа година?

Оваа година за среќа (иако не треба баш вака да звучи) во споредба со изминатата а и претходните три години имаме многу помал број на несреќи. Сезоната ја минавме со 88 интервенции на спасителната служба, тука спаѓаат евидентирани интервенции од средно-тешки и тешки повреди (значи не се евидентираат лесните повреди, иако интервенираме и за таквите повреди). Тоа значи дека имавме за 27% помал број на интервенции од лани.

Да нагласам дека сезоната стартуваше некаде од 1 јануари и финиширавме на почетокот на април, со тоа што морам да потенцирам дека последните три недели службата беше активна само викендите, инаку во текот на сезоната службата е активна 24/7.

Кажи ни што мислиш за културата на движење во планина што ја имаат македонските љубители на овие спортови на едно опширно ниво.

За жал кај нас се уште културата за движење во планина е на исклучително ниско ниво. Бројот на планинари и уживатели на природата расте и тоа на еден свеовиден начин станува тренд меѓутоа луѓето многу често не се информирани за ризиците, опасностите и не се запознаени со основните правила. Со еден збор, не знаат што се планината со себе носи.

Тоа многу често повлекува бројни проблеми. Многу луѓе доаѓаат без знаење и искуство, без соодветна опрема, се впуштаат во исклучително големи ризици без притоа да се свесни дека влегуваат во ризик и тоа многу често завршува со тешки последици. Сметам дека апсолутно на луѓето им треба една подобра едукација и запознавање со овие работи, без разлика дали се работи за планинари, алпинисти, скијачи, фрирајдери..

Токму во фрирајдот (скијањето надвор од стаза) кој станува огромен тренд работите се сведуваат многу често на ниво на квази-спорт. Јас лично долго време практикувам фрирајд и турно скијање и ја разбирам таа потреба кај младите луѓе за тоа што таму го наоѓаат и знам дека инспирацијата најчесто ја црпат од интернетот. Младите обожаваат да гледаат екстремно добри филмчиња на нет за фрирајд и тоа да им го подигне адреналинот, меѓутоа многу често не приметуваат неколку важни детали.

Прво – тоа се видеа кои се направени од професионалци, ќе видат дека сите тие клипови се секогаш направени во идеални временски услови, никогаш во магла, ќе видат дека има тимови, хеликоптери, теренот се проверува од страна на извидници, се прави проценка на лавинската опасност, сето тоа за жал кај младите им промакнува. Луѓето единствено ја гледаат добрата забава и журка, а останатите мерки за безбедност ги изостануваат.

Македонија и соседството – искуства и соработка

Соработка досега од лично искуство сме имале со бугарска спасителна служба, која морам да напоменам дека веќе ќе наполни 100 години постоење што е за почит. Таму има луѓе и мои пријатели со кои добро соработувам во различни аспекти. Останато, имаме излегувано на кратко надвор од државата за едукација во Австрија, Швајцарија итн. меѓутоа оној којшто е тотален лаик во сферата за тие 10 до 15 дена не може многу да научи.

Затоа сметам дека оваа едукација потребно е да биде доведена на ниво на иснтитуции на Македонија кадешто пред се ќе биде собран оној квалитетен кадар кој понатака ќе може целосно да ги пренесе искуствата на младите и да се направи една солидна служба.

Повторно ќе напоменам, Македонија има страшна потреба од квалитетни спасителни служби.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија