800 учесници, 14 планинарски клубови од Македонија, 17 од регионот

Успешно завршено 37мото традиционално искачување на Титов Врв 2018

Планинарски Клуб „Љуботен” – Тетово на 26-27 мај 2018 год. по триесет и седми пат го организираше традиционалното искачување на Титов Врв.

Настанот започна со официјалното свечено отворање во 19:00 часот, на 26 мај, кое се одржа во холот на хотелот Попова Шапка. На свеченото отворање збор зеде претседателот на Планинарски Клуб Љуботен – Јован Божиноски, кој ги поздрави сите планинари и учесници и им посака мирно и безбедно искачување. Настанот официјално го отвори Амбасадорот на Кралството Холандија, господинот Воутер Пломп, кој искажа особена чест што присуствува на овој настан и е дел од искачувањето на Титов Врв во организација на Планинарски Клуб Љуботен.

По завршувањето на свеченото отворање, сите водичи/ координатори на групи беа повикани на состанок, каде што неколку членови на П.К. Љуботен им ги презентираа и објаснија сите детали, информации и обврски поврзани со искачувањето на Титов Врв, а исто така им беа и доделени дипломи за учество на сите планинарски клубови.
Истовремено, сите учесници имаа можност да ја погледнат изложбата за Планинарските домови на Шар Планина, која содржеше слики од архивата на П.К. Љуботен.

На првиот ден од настанот, 26 мај, пристигнаа 200 учесници, кои беа сместени во сместувачките капацитети на Попова Шапка – хотелите Попова Шапка и Тетекс, планинарските домови Љуботен и Смрека. Најголем дел од овие учесници беа планинарски клубови од Босна и Херцеговина, Србија, Косово, Хрватска и дел од Македонија.

Искачувањето официјално започна на 27 мај, во 06:30 со тргнување на групата кон Титов Врв од инфо штандот на Планинарски клуб Љуботен, по претходно маркираната наведена „Вакуфска патека”. На инфо штандот пред поаѓањето на групата, сите учесниците можеа официјално да се пријават на настанот со пополнување на Формулар за пријава. На штандот можеа да се добијат и сите потребни информации и податоци во врска со настанот, програмата и искачувањето. Во колоната се движеа членовите на Планинарски Клуб Љуботен, кои беа распоредени вдолж целата патека и кои на себе носеа акредитации за организатори.

На патеката беа поставени три пункта. На првиот пункт беа поставени медицинско лице и теренски возила; на вториот беа поставени лица кои го обезбедуваа снежниот дел од патеката, а на третиот пункт беа поставени лица кои ги насочуваа планинарите кон врвот и доделуваа налепници за учество на настанот. Настанот се заврши во 16:00 часот, со пристигнување на учесниците на платото пред хотел Попова Шапка, каде што беа пречекани од членовите на Планинарски клуб Љуботен со топол чај. На самото искачување, учество зедоа дури 800 учесници, од кои 764 се искачија до врвот. Бројката на официјално пријавени планинарски клубови е 14 од Македонија, а 17 од регионот.

И оваа година традиционалното искачување беше дел од прославата за Денот на Европа, организирано од страна на Канцеларијата на Европска Унија во Македонија.

Планинарски Клуб Љуботен ја поддржа иницијативата на ПЕД Аргентус Моунт за реконструкција на кулата на Титов Врв, со тоа што сите учесници ги информираше за акцијата за пренесување на песок, од местото каде што беше поставен на патеката под врвот, па се до самиот врв. Планинарски Клуб Љуботен јавно им се заблагодари на сите учесници кои покрај учеството во традиционалното искачување на Титов Врв, зедоа и учество во оваа акција.

Настанот беше спонзориран и поддржан од ТТК Банка како генерален спонзор, а и од останати спонзори и поддржувачи како ЕЛЕМ ТУРС, Пријателите на Шара, Македонско Еколошко Друштво, Полициска Станица Попова Шапка, Оли Фарм, АБ Медика, Алкалоид Скопје, Кожувчанка, Авто Конект, Винер Казино, Цересит, Божиноски Инженеринг, ПАН, Дарбо Груп.