Тиквата на клукајдрвец инспирираше дизајн за бајкерски шлем

Ако постои некое животно кое доживотно е осудено на мозочни потреси тоа би бил клукајдрвецот. Тој, главата ја лупа просечно 12,000 пати дневно со брзина од 6 до 7m/s ама сепак овој head bang се чини дека не му претставува проблем. Значи нема да биде проблем и за шлемот кој беше дизајниран спрема анатомијата на малата глава на ова пиле.

Индустрискиот дизајнер Anirudha Surabhi за време на своите мастер студии на дизајн го направи својот последен соло проект дизајнирајќи го супер издржливиот шлемот за велосипедисти наречен Kranium. Сураби, како инспирација украл некои идеи од главата на клукајдрвецот кој има интересни анатомски адаптации кои му дозволуваат да се однесува мазохистички со неговата мала глава.

Клукајдрвецот има разни анатомски модификации кои го заштитуваат од повреди на главата и потреси на мозокот, но она што навистина го инспирирало овој дизајнер било фактот што клукајдрвецот е еден од малкуте птици кај кој клунот не е директно сврзан со черепот. Помеѓу овие анатомски структури постои ‘рскавично ткиво кое делува абсорбирачки на силите кои делуваат при ударот на клунот.

Сураби решил да ја искористи идејата и да го рекреира тој слој во внатрешностна на шлемот. На тест биле ставени разни материјали кои би можеле да се искористат за оваа намена (гума, плута, карбон итн.), а најдобро се покажал верувале или не, картонот.

За да се зголеми издржливоста на картонот, внатрешноста му е изградена со хексагонална структура (како саке) која наликува рскавичното ткиво на клукајдрвецот. Воздушестите простори во структурата на картонот делуваат како апсорбирачки елементи и со тоа се зголемува заштитната моќ на шлемот.

Тестовите покажаа дека внатрешниот картонски слој на Kranium апсорбира три пати повеќе енергија од полистиренските шлемови, а бидејќи 90% од слојот е воздух тие се и 15% полесни. Исто така, за разлика од полистиренските материјали кои се широко распространети во овие производи, а воедно не се подложни на рециклирање и биоразградување, картонот е направен од рециклирана хартија со што е поеколошки настроен.

Компанијата сега работи на распространување на овој патент во индустријата за спортска опрема. Германската компанија Abus веќе го има откупено овој изум и го употреби во нивните нови шлемови Kranium AKS 1 кои веќе се на пазарот во Британија. Сураби доби и голема доверба од F1 тимот Force India, за кој треба да изработи заштитни кациги за пит – стоп тимот.

Мотивот што го натерал Сураби да дизајнира токму шлем на неговиот последен проект било тоа што тој претрпел посериозни повреди бидејќи неговиот претходен шлем се расцветал при не толку опасен пад.