Наслов

Следете ја Тина Нестороска на Трансконтиненталната трка со велосипеди

Оваа година нашата велосипедистка на ултра дистанци Тина Нестороска повторно учествува на седмото издание на трката Трансконтинентал која во должина од 4200 километри минува преку цела Европа. 

Фото - Тина Нестороска

Трансконтиненталната трка претставува еден од најголемите велосипедски предизвици во светот каде учесниците целосно самостојно и самоодржливо - без надворешна помош е потребно да изминат низ однапред дефинираните контролни точки кои секогаш се поставени од еден до друг крај на Европа. Стартот и финишот секогаш варираат, но и секогаш минуваат и поврзуваат некои од најживописните и најинтересни предели низ континентот, а изборот на рута е оставен на учесниците, се додека се минат зададените контролни точки. 

Правилата на игра се прилично едноставни и јасни. Потребно е од старт до финиш учесниците да минат низ определените контролни точки, да немаат помош од дополнителна екипа, односно да бидат целосно самоодржливи, да имаат валиден гпс запис и се разбира, за движењето да го користат единствено велосипедот и ниедно друго превозно средство. 

Досега од нашата држава на оваа трка имаат учествувано Тина Нестороска и Горан Арсовски во 2017 година, а оваа, учество повторно зема нашата Нестороска. 

Рутата оваа година е долга околу 4200 километри со старт од Бургас, Бугарија, минувајќи низ споменикот Бузлуџа на Балкан Планина, Врањска Бања (Србија), Пасо Гардена (Италија), Алпе дХез (Франција) и финиш во Брест. Бургас, претпоставуваме знаете каде е, а доколку не знаете каде е Брест, тогаш отворете мапа и разгледајте каква дијагонала возат дечкиве и девојкиве.

Екипата од Педала на нивната ФБ страна прави редовни ажурања на статусот на Тина и останатите возачи на трката, слободно можете да ги следите. Засега Tина се наоѓа некаде пред Врањска Бања, a лидерите се некаде во Хрватска. Нејзиниот број е 224, а на следниот линг можете да ги следите и „во живо” ГПС движењето. 

30 Јули 2019

За авторот