Авантуристичка велосипедска тура

„Јак Атак” – ако сметаш дека си јак како јак

Ако барате одредени квалификации за најтешка и најнапорна повеќедневна велосипедска МТБ тура, не барајте подалеку од „подножјето” на Хималаите. 

„Јак Атак” претставувa серија на три светски маунтинбајк трки кои се одржуваат во Непал, Шри Ланка и Патагонија. Сите тие се одржуваат во текот на една година и нудат различни авантуристички искуства за натпреварувачите, од возење во џунгла во трката Rumble in the Jungle (Шри Ланка), до ветровитите патагониски прерии на Alpac Attack (Чиле) и возење на екстремно тешки надморски висини и услови во Yak Attack (Непал).

Трките се долги по неколку дена (повеќе-етапни) а токму во период од изминатиов ноември, од 7 до 15 се одржа последната за оваа година – Јак Атак во Непал. Иако бројката на учесници оваа година падна за дури 60 проценти поради страшниот земјотрес што се случи оваа пролет, трка повторно се одржа.

Таа е со должина од 400 километри и совладува висинска разлика од 12,000 метри во 8 етапи, но овие бројки нека не ве лажат бидејќи возењето се одвива на едни од најтешките услови на планетата. Најпрво возењето се одвива на доста големи просечни висини и во доста варијабилни метеоролошки услови, а трката минува и на Торонг Ла – највисокиот планински превој на светот висок 5,416 метри над морето. 

Победникот на Јак Атак 2015 беше Непалецот (очекувано) Ајај Пандит Диксит.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија