Наслов

Прво издание на „Водно-Матка Треил Маратон” - Оние кои целат високо стигнуваат далеку

Викендот на 25.03.2018 година градот Скопје, планината Водно и споменикот на природата Матка беа домаќини на првиот планински маратон „Водно-Матка Треил Маратон" во организација на здружението ТРЕКС и ПСД Макпетрол од Скопје. Иако временските услови и условите на патеката беа повеќе зимски отколку пролетни, тоа не ги спречи вкупно 315 учесници да се предизвикаат на фантастичната патека околу Водно и Матка и да уживаат во атмосферата на настанот.

Првата трка на 40 километри и 2800 метри вкупно искачување стартуваше во 8 часот наутро од месноста „Полиција" во населбата Водно и на истата стартуваа 85 учесници од 11 држави кои имаа исклучително тежок предизвик. Патеката минуваше низ Средно Водно, Марково Крувче, врвот Крстовар, целиот гребен на Водно до врвот Кале (Кота), потоа следи спуштање до Матка, искачување до Св. Недела, Св. Никола Шишевски, Горно Нерези за да финишираат на врвот Крстовар во планинарскиот дом „Даре Џамбаз".

Најбрзи на стазата во машка конкуренција беа Александар Стојкоски од Македонија со фантастично време од 4:47:53, втор беше Дејан Тодевски со време од 5:14:22, а трет заврши Александар Симјаноски со 5:33:43.

Во женска конкуренција прва беше Мери Мирческа со време од 6:26:57, втора финишираше Веселка Великова од Бугарија со 6:38:01, а трета беше Сања Најдовски со 6:43:08.

За маратонската трка предвидени беа 10 часа за финиширање, а во лимитот не успеаа да влезат единствено 4 учесници што го прави процентот на успешност голем со оглед на условите и тежината на патеката.

На полу маратонската дистанца стартуваа 226 учесници од 10 држави и истата трка имаше многу понеизвесен финиш. Најбрзи во машка конкуренција беа Александар Спасов од Бугарија за 2:13:28, со задоцнување од само 30 секунди беше нашиот Марјан Бонев со време од 2:14:07, а трет Александар Кирковски со време од 2:15:50.

Кај девојките прва беше Ирене ван Ас од Холандија со време од 3:10:14, втора беше нашата Ана Велкова 3:34:38, а на третото место заврши Дора Кузманова од Бугарија 3:37:06. На оваа трка финишираа 222 луѓе.

Иако временските прилики во деновите кои претходеа и за време на трката не беа сјајни, сепак тоа не претставуваше поголем проблем трката да се организира на професионално ниво и не ги спречи луѓето да се вклучат во една поинаква и интересна авантура, да се предизвикаат себеси, да бидат активни и да уживаат во прекрасната природа. На настанот, покрај организацискиот тим, беа ангажирани околу 50 волонтери, а 20-тина луѓе ја обезбедија трката од медицински и планинско-спасувачки аспект.

Идејата на организаторот е настанот да прерасне во еден од водечките спортски планински настани кои имаат за цел да ги шират позитивните етички и морални вредности кои треба да се почитуваат во планина како фер-плејот, солидарноста, почитта кон другите и природата и еднаквоста.

26 Март 2018

За авторот