Наслов

Пролетен Прв до врв на Водно

Доаѓањето на пролетта беше одбележано и со планинарско и велосипедско искачување до врвот на Водно во неделата на 22 март, кога повеќе од илјада учесници го освоија врвот на скопската планина како дел од настанот Пролетен Прв до врв.

Групата стартуваше утрото во 9 часот од училиштето Кочо Рацин, а се собра на врвот на Водно на платото пред планинарскиот дом каде имаше забава со диџеј, а најбрзите добија подарок книга за здрав живот и исхрана.

Иако се уште со снежна покривка, сонцето и топлото време беа магнет скопјани масовно да го посетат Водно и да го поминат слободниот викенд со спортска рекреација и во природа.

Пролетен Прв до врв е трет од серијата месечни настани кои се организираат секој месец по одреден повод, а имаат за цел да ги поттикнат скопјани на здрав и активен живот. Следниот Прв до врв ќе се одржи на 19 април и ќе биде посветен на Денот на планетата Земја.

Прв до врв е спортско-рекреативен настан кој се организира еден ден во годината и на кој неколку илјади планинари и велосипедисти се натпреваруваат кој ќе стигне прв до врвот на Водно. Трките имаат масовен карактер и ги обединуваат скопјани во идејата за спортско и рекреативно уживање на планината Водно. Оваа година главниот настан е закажан за 24 мај.

Пријатели и помагатели на Пролетниот Прв до врв беа Алгасан, АрселорМитал, БиМилк и Пакомак.

Се поголемата заедница на учесници која се приклучува кон идејата за Прв до врв, сите потребни информации за идните настани може да ги добие оваа веб страница. 

Настанот го организира здружението за спорт и рекреација Прв до врв.

23 Март 2015

За авторот