ИНКЛУЗИВЕН СПОРТ ЗА ИНКЛУЗИВНО ОПШТЕСТВО

Повик за учество во ски школа за лица со попреченост и обука на тренери за скијање на лица со попреченост

Првата македонска ски школа за лица со интелектуална и тешка физичка попреченост ќе биде организирана во Маврово од 4 до 9 март 2019 година. Скијањето за атипични спортисти и аматери е ново за Македонија, а веќе добро познато насекаде во светот.

Овој тип на активности е од големо значење за лицата со попреченост особено за градење на подобар квалитет на живот и надминување на пречките со кои се соочуваат во секојдневието.

Ски школата е дел од Проектот „Иклузивен спорт за инкулзивно општество”, во организација на Здружение на граѓани со параплегија и квадриплегија „Без ограничувања”.

Со помош на овој проект на лицата со попреченост ќе им се овозможи активна рехабилитација преку спорт (скијање), мотивирање за отпочнување нов, здрав начин на живот, активна социјализација и полесно вклопување во модерните текови на живеењето. Откривањето на сопствените потенцијали и капацитети, а воедно и промоцијата во јавноста , ќе допринесат кон подигање на свеста и промена на перцепциите како во рамки на целната група, така и во поширокото опкружување. Ова е извонредна можност преку спортот овие лица да бидат препознаени како активни чинители во општеството.

Со овој проект ќе бидат опфатени 10 лица со попреченост кои ќе учат да скијаат со адаптивна опрема од експерти дојдени од Велс, Велика Британија. Паралелно ќе се врши и обука на 5-10 тренери од Македонија, кои ќе бидат обучувани за работа со лица со попреченост.

Ова ќе биде првата група на тренери специјализирани за работа со лица со попреченост, кои преку пренесување на стекнатите знаења и на тој начин ќе допринесат кон развивање на нови спортски дисциплини до сега не практикувани во Македонија.

Покрај спортските активности, во склоп на ски кампот ќе бидат организирани и работилници за стекнување на социјални вештини, инклузивни решенија, асистивна технологија и вештини за справување со попреченоста.

Ги покануваме сите заинтересирани лица со попреченост, кои имаат желба да земат учество во ски школата. Дополнително ги покануваме лицата кои имаат стручна подготовка од исти или сродни спортски дисциплини и/или со физичко образование и се заинтересирани за обука за тренери специјализирани за работа со лица со попреченост.

Контакт за пријавување – [email protected]

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија