Поп Ацев втор на Охридски маратон и лидер во Генералниот пласман

Евгениј Поп Ацев одново покажа врвна форма финиширајќи како втор на 33. Охридски пливачки маратон.

Викендов на 24.08.2019 година се одржа традиционалниот Охридски пливачки маратон. Како и досега и оваа година Охрид и Охридското езеро беа домаќини на светската пливачка елита на долги патеки.

Патеката „Климе Савин” долга 25км. прв ја заврши двократниот светски шампион Аксел Рејмонд од Франција со време од 05:20:55. За Рејмонд ова е вкупно втора победа во Охрид, имено тој во 2013 исплива рекорд на патеката која тогаш беше долга 32км. Второпласиран беше нашиот ас, Евгениј Поп Ацев кој во текот на целата трка пливаше рамо до рамо со победникот за да на крај задоцни за само седум секунди. Како трет финишираше Франческо Џетини од Италија кој ја комплетираше неизвесната поделба на подиумот со задоцнување од 15 секунди зад победникот.

Во женска конкуренција пак победи Алис Франко со време од 05:41:15 а зад неа како второ, односно третопласирана се најдоа Аргентинките Ерика Јенсен и Пилар Геијо.

По завршувањето на оваа трка нашиот најдобар пливач Евгениј Поп Ацев изби на првото место во Генералниот пласман на светскиот куп и е пред ново големо постигнување во својата кариера. До крајот на Светскиот куп остануваат трките во Цриквеница и легендарната Капри-Неапол

Трката ја стартуваа вкупно 20 пливачи во машка и женска конкуренција а убедливо најбројни беа Аргентинските пливачи. Покрај Поп Ацев на трката настапи и нашиот Александар Илиевски кој трката ја заврши на 12 место со време 05:52:03.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија