Охрид доби најсовремено опремена служба за спасување во планина – Интервју со Антонио Додевски

Охридскиот регион ова лето преку проектот „Регионот Охридско Езеро – безбедна дестинација за авантуристички туризам” доби најсовремено опремена спасителна служба за во планина, нешто што е неопходно за подигнување на нивото на безбедноста на туристите и локалното население како и за дополнително развивање на регионот како туристичка дестинација. Откриваме нешто повеќе за процесот на кој се обезбеди оваа поддршка, деловите кои таа ќе ги покрива како и за потребата на една ваква служба на пошироко национално ниво, преку разговор со раководителот на службата – Антонио Додевски.

Антониот Додевски е раководител во Службата за спасување во планина при Црвен Крст – Охрид, а професионално тој е алпинист и инструктор за Водичи во Планина според IML стандардот.

Дел од фотографиите се превземени од порталот www.ohridnews.com

Кога се роди идејата и потребата за основање на планинска спасителна служба и како започнавте кон нејзина реализација?

На почетокот од 2002 година, од страна на тогаш алпинистичката секција при СПК Магаро од Охрид, беше идентификувана потребата од постоење на ефикасна служба за спасување, пред сè поради сопствените потреби. Тогаш како млади алпинисти, со силен мотив за качување, но и свесни за објективните опасности кои не демнат при алпинистичките активности, како и за непостоењето на системско решение за спасување во случај на планински несреќи, одлучивме сами да се организираме и дa дефинираме јасни процедури, за да може да си помогнеме самите себе и на своите пријатели од клубот.

Набрзо увидовме дека спасувањето на планина, иако почива исклучиво врз алпинистичките вештини, сепак е доста комплексна дејност, која за разлика од алпинизмот како спорт бара многу повеќе финансиски, материјално-технички и логистички ресурси, кои ние како клуб ги немавме, а и не сакавме ова прашање да ни ја одвлече енергијата од нашата примарна цел алпинизмот. Поради тоа, се обративме до Општинската организација на Црвен крст Охрид, која единствено можеше да ни обезбеди минимална логистичка поддршка во тој момент, за да започнеме еден сон, кој го сонуваме веќе 16 години и кој благодарение на финансиската подршка од Европската унија, Министерството за Локална самоуправа и општините од регионот, започна да станува реалност.

Југозападниот дел од Македонија е дефинитивно еден од најпосетуваните и најатрактивните делови од државата за авантуристички туризам. Колкава е важноста на една ваква служба во рамките на еден веќе развиен туристички регион?

Точна е Вашата констатација за југозападниот регион, како најпосетувана дестинација за авантуристички активности во моментов, но јас би рекол дека цела Македонија претставува една атрактивна микро дестинација, која географски, климатски и тематски крие огромен потенцијал за развој на сите видови авантури, особено за т.н. soft adventure тури, кои привлекуваат најголем дел од туристите на глобалниот пазар. Овде мора да се напомене и тоа дека иако потенцијалот е голем, сепак во моментов искористеноста на истиот е минимална, дури и во југозападниот регион кога станува збор за организирани посети и присуство на сериозни туроператори, кои организираат ваков вид тури за своите клиенти.

Причините за тоа се многубројни, но еден од најголемите недостатоци е токму непостоењето на организиран, брз и ефикасен систем за спасување на планина и тешко пристапен терен, односно во средините каде се одвиваат главните активности на овој вид туризам. Самите туристи, а уште повеќе големите туроператори, се свесни за објективните ризици кои ги демнат за време на нивните активности и секогаш при изборот на дестинација, внимаваат на тоа дали и со каков квалитет на службите за спасување располага регионот кој сакаат да го посетат.

Јас често го кажувам следниот пример: Македонија како своевидна микро дестинација, во рамки на поширокиот балкански регион, располага со речиси сличен потенцијал со соседните држави, но кога одреден туроператор, ја анализира целокупната слика, особено делот на управувањето со ризиците и спасувањето, секако дека би избрал своите клиенти да ги носи во некоја од соседните држави, каде на ова прашање веќе подолго време и многу посериозно му се посветува внимание. Токму од овој пример, може да се види и реалното значење на постоењето на организиран и ефикасен систем за спасување, кој ќе може да се носи со сите предизвици. Ние со голем ентузијазам, го правиме тоа во охридскиот регион и се надевам дека ќе послужиме како пример, за и во останатите региони да започне решавањето на ова прашање.


За какви сè активности и потреби е опремена и обучена службата и во кој реон ќе делува?

Службата ќе ја сочинуваат главен тим, составен од 15 алпинисти, односно самостојни спасувачи, тим од 4-5 лекари и повеќе од 30 добро обучени припадници на тимот за логистака. Истата ќе ги покрива териториите на општините Охрид, Струга, Вевчани, Дебрца и Ресен, а секао дека ќе помага и при комплексни операции за спасување на целата територија на Македонија, па дури и во соседните држави, доколку тоа биде потребно и побарано од нас. Во рамки на проектот “Регионот Охридско езеро – безбедна дестинација за авантуристички туризам”, планирана е изградба на современ оперативен и тренинг центар, како и набавка на теренски возила и опрема за изведување на сите сложени операции за спасување при несреќи, кои би можело да се случат во регионот. Она што останува како цел во блиска иднина, е доопремување на службата со специјализирани транспортни средства за во зимски услови, со што целосно ќе може да одговориме на сите предизвици.

Дали службата има оддел за спасување на вода и дали во други делови околу Охридското Езеро постојат слични служби?

Во рамки на Општинската организација на Црвен крст Охрид, веќе подолго време функционира и ефикасно работи Центрот за безбедност и спасување на вода, кој е еден од двата такви центри во рамки на Црвен крст на Р. Македонаија, истиот е надлежен за активностите на сите станици за спасување на отворени води (езера, реки и сл.) и активно секоја сезона ги обезбедува бреговите на охридското езеро од македонска страна. Службата за спасување на планина ќе претставува посебен сегмент во рамки на Општинската организација на Црвен крст Охрид, а во рамки на проектот, предвидено е опремување и обука на спасувачи на вода во Поградец, Р. Албанија, со што во прв момент, на еднакво ниво ќе биде подигната безбедноста на вода од двете страни на границата.

Како ќе бидат информирани туристите и локалното население за постоењето на ваква служба и како тие ќе може да пријават случај на незгода?

Во рамки на проектот, предвидени се повеќе алатки за доближување на службата до граѓаните и посетителите на регионот, како на пример печатени летоци, видео спотови, присуство на интернет преку социјалните мрежи, а планирана е и изработка на апликација за мобилни телефони, преку која посетителите ќе може да добиваат многу корисни информации за безбедноста и состојбата на теренот, но и со притискање на едно СОС копче, ќе може лесно да испраќаат сигнал за помош во оперативниот центар на службата, кој ќе содржи информации за нивната точна локација според ГПС системот, што значително ќе го намали врмето за интервенција неопходно за лоцирање на повредените.

Македонија е мала земја но има голем број на тешко достапни планини и планински масиви. Колкава е важноста да се има слична служба на ниво на цела држава?

Доколку сакаме како држава, сериозно да конкурираме на меѓународниот пазар за авантуристички туризам, секако дека е неопходно покривање на целата териоторија на РМ, со брза и ефикасна служба за спасување. Како што велите, Македонија е мала по територија со голем број тешко пристапни планини, но и покрај тоа, сметам дека може многу едноставно да се овозможи целосна покриеност на територијата со ефикасна служба за спасување. Од моето 16 годишно искуство, од соработката со останатите институции и организации во државата, но и од бројните контакти и посети на странски спасителни служби од развиените земји, Ве уверувам дека во Македонија имаме доволно соодветен кадар, веќе имаме и доволно опрема, возила и специјални воздухоплови, а очигледно дека единствено што ни недостасува, е меѓусебна координација, комуникација, но и сериозна политичка желба за решавање на ова прашање на соодветен начин во согласност со светските стандарди.

За жал, често во минатото бевме сведоци на лоша меѓусебна комуникација или на лоши комбинации од декларативна волја и нестручен кадар, во чии раце често доверувала обврската да предлага решенија и да раководи со одрдени процеси за решавање на ова прашање. Епилогот од сето тоа, е она што веќе сите го знаеме. Доколку сакаме квалитетно да му пристапиме на овој проблем, треба едноставно да ги следиме светските стандарди и искуствата од земјите со богата традиција.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија