ПК „Љуботен” успешно го реализираше 38то традиционално искачување на Титов Врв

Оваа година на настанот учествуваа 650 планинари, од 45 различни планинарски друштва и 7 различни земји. Од нив 630 планинари го освоија и самиот врв, втор по големина во Македонија.

Настанот беше посветен на нашиот драг пријател проф. д-р Љупчо Меловски. Претставници од Македонското Еколошко Друштво и Истражувачкото Друштво на Студенти Биолози беа дел од организацијата на настанот. На еден од пунктовите секој учесник можеше да пристапи кон “Тимот на Љупчо”, кој што ја промовираше новата апликација за биодиверзитет.

Грижејќи се за природата и заштита на животната средина, беше спроведена и акција за чистење на отпадоци и смет на Попова Шапка. Членовите на клубот заедно со дел од учесниците настанот, во саботата на 25 мај се вклучија во предизвикот познат како #TrashTagChallenge и успешно го расчистија сметот околу хотелот Попова Шапка.
Активностите продолжија со трибината на тема „Планинарењето, поттик за здрави навики кај младите” и натпреварот помеѓу планинарските клубови во брзинско местење на шатори. Најдобриот клуб си понесе дома награда шатор.

Во холот на хотелот, учесниците можеа да погледнат изложба, на тема “Попова Шапка низ времето”. Изложени беа брошури, флаери и останати промотивни материјали од далечната 1938 година па се до денес.

Активностите во сабота се завршија со официјалното свечено отворање, каде што Планинарски Клуб “Љуботен” ги поздрави сите учесници и им се заблагодари на сите помагачи и поддржувачи на настанот. Генерален спонзор на настанот, веќе години наназад е ТТК – БАНКА АД СКОПЈЕ.

Во недела, на 26ти мај пред платото на хотел Попова Шапка, беше поставен штанд, каде што секој планинар можеше да го пријави своето учество и притоа да си подигне маичка со логото на ЕУ за ТЕБЕ, обезбедени од Делегaцијата на ЕУ како поддржувачи на настанот.

Во точно 06 часот и 30 минути, групата го започна искачувањето кон врвот. Како дел од колоната покрај членовите на клубот, беа и учесниците од обуката за Проферсинални Водичи во Планина од МАИВП – Македонската асоцијација за интернационални водичи во планина, кои работат по IML (international mountain leader) стандард и медицинска екипа од санитетскиот покровител на настанот – Медика Истанбул, кои се грижеа за безбедноста на учесниците при искачувањето. Вдолж патеката беа поставени и четири пункта, каде што учесниците можеа да се обратат за прашања и помош. Во периодот од 10 до 12 часот на врвот пристигнаа 630 планинари кои по кратка пауза и задолжителната слика со кулата на самиот врв, се упатија назад кон Попова Шапка.

Настанот официјално, безбедно и во најдобар ред заврши во 16 часот, со пристигнување на сите учесници пред платото на хотел Попова Шапка.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија