Наслов

Охрид Треил - нова планинска трка со Охрид и Преспа на дланка

Оваа 2019 година во екот на пролетниот период, охридско-преспанскиот регион и планината Галичица ќе бидат домаќини на нов спортски настан со две трки во планинско трчање - Охрид Треил. 

Календарот на спортско-рекреативни активности во регионот на Охрид и Македонија од оваа година напролет ќе се збогати со уште еден атрактивен настан во планинско трчање кој ќе овозможи интересно и несекојдневно минување на скоро целиот гребен на планината Галичица. 

Охрид Треил ќе се одржи викендот на 25-26.05.2019 и оваа година ќе биде составен од две трки во планинско трчање. Долгата дистанца ќе изнесува 60 километри со 3200 висински метри искачување. Патеката стартува од манастирот Св. Наум, потоа ќе следи стрмно искачување до врвот Кота Ф10 и Магаро откаде ќе се оди по целиот гребен на планината. Тркачите истотака ќе имаат можност да ги искачат врвовите Лако Сигној и Бугарска чука откаде ќе уживаат во погледот на двете најголеми природни езера во Македонија, да минат низ карстните полиња на месноста Асан Џура и Џафа, но и да се искачат до врвот со најубавиот поглед на Охрид - Висок врв. 

Од таа точка следи спуштање до селото Велестово, Билјанини извори и преку кејот, трката ќе финишира на охридскиот плоштад. 

Кратката трка на 35 километри и 1500 висински метри, пак, ќе започне од пред кампот Елешец, оди до селото Елшани откаде по гребен и атрактивна планинска патека сè качува некаде пред врвот Бугарска чука и се спојува со долгата патека за финиш на истото место.

Видео:

Настанот ќе биде во заедничка организација на здружението за планинско трчање „ТРЕКС” од Скопје кое веќе долги години работи на повеќе планински трки низ Македонија како Крали Марко Треилс во Прилеп, Струмина Треил во Штип и Водно-Матка во Скопје и Асоцијацијата „Спорт за сите – Сите за спорт” од Охрид кои пак се сконцентрирани на развојот на спортско-рекреативните настани во Охрид преку организирање на трката Охрид ТрчаТ и балканското првенство во триатлон во коорганизација со Македонската триатлон федерација. Настанот ќе биде поддржан од локалната самоуправа - Општина Охрид. 

Целта на оваа трка е да се искористи планината Галичица и природните убавини на Охрид и Преспа за да се изгради светски препознат спортско-рекреативен настан кој во комбинација со културно-историското наследство на регионот ќе има и голема туристичка вредност.

Веб-сајтот на трката е веќе објавен, а пријавите ќе бидат пуштени на 1 февруари. 

30 Јануари 2019

За авторот