Наслов

Нови брзински искачувања на Матерхорн и Гран Парадизо од Александар Кирковски

Нашиот планинар и планински тркач Александар Кирковски не престанува да изненадува со одличните времиња на искачување на алпските врвови оваа сезона. По Мон Блан кој ова лето го искачи од италијанската страна, следеше алпската икона Матерхорн и врвот Гран Парадизо, сите во брз стил со качување и спуштање за кратки временски периоди. 

На 27.07.2018 година, само четири дена после брзинското искачување на Мон Блан од италијанска страна, Александар Кирковски соло и без никаква логистика го искачи најатрактивниот алпски врв Матерхорн 4478 мнв преку гребенот "Хорнли" од швајцарската страна на планината. Постигнатото севкупно време 7 часа 01 минута од појдовната точка до врвот и назад е воопшто најбрзо македонско искачување на овој технички захтевен врв.

Врвот Матерхорн 4478 мнв се наоѓа на Пенинските Алпи на границата помеѓу Италија и Швајцарија, а за првпат е искачен во 1865 година како последен од позначајните алпски врвови. Со својата атрактивна форма на карпеста пирамида не дозволува лесен пристап и е сон на речиси секој планинар. Досега врвот Матерхорн 4478 мнв го имаат искачено само 28 Македонци, за разлика од неколкуте стотини кои биле на највисокиот алпски врв Мон Блан 4810 мнв, што доволно говори за тежината и предизвикот кои со себе ги носи.

Брзинскиот рекорд на оваа рута ја држат алпинистите Симон Антаматен и Михаел Лерјен од Цермат кои во 2007 година го качија и спуштија врвот по гребенот Хорнли за 2 часа и 33 минути. Од италијанска страна, пак, Килиан Жорнет во 2013 година го постави новиот рекорд на рутата „Креста дел Леоне” со 2 часа и 52 минути - горе-доле.

Кирковски истотака го држи и најдоброто македонско време за качување и спуштање на Мон Блан по класичната - француска рута. 

За Александар ова е трето успешно искачување на Матерхорн, а претставува второ македонско соло искачување на гребенот "Хорнли" после Слободан Јовановски - Боби во 2006 година. Постигнатото време од 7 часа во двата правци е уште едно сериозно кревање на границите и стандардите во македонскиот планинарски спорт. Акцијата е дел од годишната програма на Федерацијата на планинарски спортови на Македонија.

ГПС запис од искачувањето на Матерхорн.

Два дена по искачувањето на Матерхорн, пак, на 29.07.2018 тој успеа да го искачи и спушти и врвот Гран Парадизо 4061м горе-доле за 4 часа и 43 минути. Старт беше од паркингот во Понт до врв и назад по класичната рута за искачување.

ГПС запис од искачувањето на Гран Парадизо

30 Јули 2018

За авторот