Нов светски рекорд во маратон во женска конкуренција

Неверојатниот спортски викенд во резултатска смисла го комплетираше маратонот во Чикаго кој ни донесе нов светски рекорд во женска конкуренција.

 

Бригит Косгеи од Кенија е новата светска рекордерка во маратон. Таа викендов на маратонот во Чикаго истрча време од 02:14:04 со што го урна стариот рекорд на легендарната Пола Редклиф за цели 80 секунди. Сега веќе стариот рекорд на британската атлетичарка беше стар 16 години а истиот беше поставен на маратонот во Лондон во 2003 година.

Косгеи уште еднаш ја потврди апсолутната доминација во овој спорт на атлетичарите од Кенија. Таа доминираше за време на целата трка оставајќи ги далеку зад себе Абабел Јешанех која заврши како второпласирана и третата Гелете Бурка, двете од Етиопија.
За Косгеи ова е втор триумф на голем маратон оваа година. Освен на маратонот во Чикаго, таа победи и на маратонот во Лондон, а вреди да се напомене и дека новата светска рекордерка има само 25 години што ја прави најмлад рекордер и најмлад победник во историјата на Чикаго Маратон.

Исклучително интересно беше и во машкиот дел од маратонот каде што Лоренс Чероно од Кенија победи со време од 02:05:45 часа, пред Дебеле Дејене од Етиопија со разлика од само една секунда, додека пак на третото место се најде уште еден етиопски маратонец со задоцнување од само три секунди. Овој маратонски “фотофиниш” беше најтесна победа и воопшто подиум на досегашните изданија на овој маратон. Чероно претходно оваа година на речиси идентичен начин победи и на маратонот во Бостон.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија