Точкаџиски муабети

Невидлив спреј за поголема видливост

Под мотото „биди безбеден, биди виден” британската компанија Албедо 100 за рефлективни спрејови во соработка со шведскиот автомобилски бренд Волво, се впуштаат во соработка за зголемување на безбедноста на велосипедистите преку еден многу интересен производ.

Примарно, Албедо 100 развива технологија за невидлив спреј кој рефлектира светлина со цел истиот да се користи за обележување на диви и питоми животни кои се движат близу патиштата, за да се превенираат сообраќајни несреќи.

Е подоцна на дечките им текнало дека има и еден таков вид „животинки” кои исто се тркалаат низ бетонските џунгли близу до патиштата и ги демне постојана опасност од автомобилските предатори, па и дека нив им е потребна каква таква дополнителна заштита.

Особено ноќе, и покрај задолжителната опрема од светла и катадиоптри, многу велосипедисти изјавиле дека не се чувствуваат безбедно да возат на места каде нема соодветни велосипедски патеки. Така се родила новата идеја за аеросол со рефлективни карактеристики, наменет за велосипедисти и други ѕверки кои сакаат своите активности безбедно да ги обавуваат во текот на ноќта.

Станува збор за продукт кој лесно се нанесува на метални површини како рамот или бандажите, на ткаенина како јакна, патики, ранец или на пластични површини како кацига. Рефлектвниот спреј се наоѓа во перманентна и неперманентна варијанта која лесно се отстранува со вода и детергент.

Ако се запрашавте зошто Волво би се инволвирале во проект за безбедност на велосипедисти, ова е дел од нивната визија дека до 2020та никој нема да настрада или да биде сериозно повреден од новите возила на Волво.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија