Лице во лице, попатно - Ексклузивно интервју само на K4T.mk

На пат околу светот со Ивана и Ману

Го палиш моторот Jамаха Tенере XT660Z ја седнуваш твојата сакана да ти прави друштво и тргнуваш на пат околу светот, звучи едноставно, романтично, “must have” искуство, но што се крие зад сето тоа ќе ни доловат Ману и Ивана за кои ова патување е повеќе од животен предизвик.

Моторот Јапонец, тој Шпанец, таа Македонка, пат околу светот но не и за 80 дена туку за многу повеќе. Авантуристички, спортски, динамично и со страст за животот што може да се мери во тони. Разговорот лице в лице со Ивана Чолаковска и Ману Торес во Баку, Азербејџан беше искуство кое ќе ти го подигне апетитот за непознатото и ќе посакаш да јавнеш некоја кубикажа и да тргнеш во ваква авантура.


Поминавте 13 илјади километри досега, почнувајќи од Мароко преку Шпанија, средна Европа, Балканот и Кавказот да дојдете во Азербејџан од каде што ќе ги чекате визите за вашета следна дестинација. Како досега се одвива оваа храбра авантура.

Ману – Сега за сега сè е супер, поминавме 12 држави во кој што имавме назаборавни моменти. Откога го купивме моторот првата дестинација беше во Мароко што ни беше опција која решивме дека ќе биде одлична за почеток и каде што беше погодно да го тестираме моторот, бидејќи го купивме нов.

А Мароко има секаков вид на патишта што се покажа како прав избор.  Европа ја поминавме без проблеми и направивме мала пауза во Македонија, а потоа отидовме до островот Миконос каде што секој година во летниот период работиме продавајќи накит кој сами го изработуваме. Продолживме кон Турција за преку Грузија да стигнеме во Азербејџан каде чекаме визи за неколку следни дестинации.

Каков е планот односно целото предвидено патување и каде се точно треба да поминете.

Ивана – Иако неможеме секогаш да бидеме сигурни за маршрутата бидејќи плановите ни се менуваат како на пример пред неколку дена се сменија правилата за минување низ Иран со мотор и тоа ни се комплицира патувањето до Индија, што треба да значи дека треба да се оди по заобиколен пат преку Казакстан, Узбекистан или Туркменистан. Секако дека ова нешто е тоа што го прави патувањето повозбудливо. Треба да стигнеме некако до Австралија, Нов Зеланд потоа јужна, централна и северна Америка, а здравје потоа Африка и да се вратиме во Шпанија во Севиља каде е роден Ману.

Како се решивте на вакво патешествие и како се подготвувавте за да се впуштите во овој сериозен предизвик.

Ивана – Ману и претходно на различен начин (автостоп, воз) има пропатувано многу континенти, откога сме во врска зрееше идејата да направиме нешто интересно и заедничко. Освен што стапивме во брак кое само по себе е авантура (ха ха ха), сакавме голем залак кој ќе ја исполни нашата стаста за патување.  За нешто вакво се потребни големи финансиски средства кој што тогаш ги немавме па решивме да одвоиме 2 години во напорна работа и подготовка, кое за нас значеше патување до неколку егзотични земји како Индија, Непал, Тајланд, за да соберме уникатни материјали за изработка на накит и после да се посветиме на интензивна продажба по плажите и плоштадите низ светот.

Воедно направивме и 3 месечна тура со мотор низ цела Индија што дополнително ни ја зацврсти желбата за овој потфат. Моторот олдтајмер Ројал Енфилд го купивме на старо од препродавач во Њу Делхи и започнавме патешествие кој беше еден вид на предигра за пат околу светот. Тестот за спремност и преживување во Индија го положивме и поминавме егзотични и незаборавни месеци и се беше супер.

Видео од подготвителното патување во Индија

Каде се сретнавте со Ману и како вашата љубов ве седна на две тркала.

Ивана – Се запознавме на Миконос каде и двајцата продававме накит и можеби тоа што го живееме истото секојдневие нè поврза подлабоко. После два месеци откога се запознавме се најдовме на Куба во Варадеро и од тогаш живееме, работиме и се забавуваме заедно.

Тоа што сакаме и двајцата постојано да патуваме, да менуваме земји, да запознаваме култури и пријатели беше и предуслов да се одлучиме да направиме нешто интересно, Ману имаше идеја да проба да направиме некаква авантура на мотор па така со заедничка подршка се одлучивме за овој потфат.

Со какви проблеми најчесто се соочувате додека патувате имајќи во предвид дека не носите мобилни телефони, ГПС навигација, ниту пак мапи.

Ману – најмногу досега проблем ни создаваат визните режими, и двајцата имаме различни патни документи, јас шпански, а Ивана македонски. Некаде за Ивана влезот е слободен, а некогаш е обратно, но сепак се снаоѓаме и со мали застои и промени продолжуваме со проектот.

Бидејќи немаме ГПС и мапи се водиме според патните ознаки и често прашуваме локални жители за да ни помогнат, што е супер искуство кое не доближува до самата земја и народот. Тоа воедно ја зголемува возбудата и непредвидливоста на патувањето. Некогаш се случува и да погрешиме, но тоа е дел од убавината. Исто така не спиеме по хостели и хотели туку во шатор или доколку наидеме на гостопримливи луѓе не сместуваат кај нив дома, што и често се случува.

Какви подготовки правевте за да може да го издржите ова патување кое според вашите проценки ќе трае околу една до една ипол година. 

Ману – Освен патувањето во Индија кое само по себе беше еден вид на тренинг, најчесто за да се одржуваме во форма џогираме од 30-45 минути, најчесто доколку сме блиску до море го правиме тоа на плажа и секогаш полниме пластични шишиња со песок и правиме вежби за раце, Ивана понекогаж кога сме подолго време на некое место оди и на аеробик. Внимаваме околу исхраната и преферираме варена храна и паста.

Дали имате некаква мисија или цел на патувањето или едноставно сакате авантура и предизвик кој ќе го паметите.

Ивана – Нашата мисија е да покажеме на луѓето дека не треба да бидат заплашени од непознатото и треба многу по храбро да го доживуваат секој миг од нивниот живот, да имаат поголема верба во самите себе и да го гледаат светот многу поискрено и чисто, а не како што многу медиумите го претставуваат како некое страшно и безлично место. Секое парче земја си има душа и таа треба да се доживее одблиску за да може да се расудува. Треба да разберат луѓето дека нема неостварлива цел, доколку е искрена, храбра и со љубов, тогаш ќе се оствари.

Имате ваш сајт на кој што луѓето можат да бидат во чекор со сите случувања. Кој го одржува и како го апдејтирате. 

Ивана – Нашиот сајт е aroundgaia.com каде нашите пријатели и сите оние кој што сакаат да нè следат можат правовремено да се информираат за тоа каде се наоѓаме во моментот, и што е следно. Сајтот го одржува нашиот пријател Дејан кој е од Скопје и ни помага околу измените а ние ги обезбедуваме материјалите.

Видео од Турција

Видео од Грузија 

aroundgaia профил на К4Т + интервјуто на шпански 

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија