Пред точно една година - 12.02.2015

На македонските Алпи: Зимско искачување на врв Кабаш 2391 мнв

Врвот Кабаш 2391 мнв е сместен во срцето на Корабскиот масив издигнувајќи се над недопрената природа на долината на Длабока река. Со својата височина не се вбројува помеѓу највисоките врвови во Македонија, но сепак претставува еден од најатрактивните и највпечатливи врвови за искачување.

 

Фотографии и записи за Кабаш се среќаваат уште во издание на словенечкиот “Планински вестник” од 1939 година, а во далечната 1967 година група планинари го искачуваат врвот во првомајскиот период објавувајќи патепис во истото списание.

Денес е точно една година од ова наше искачување, но никогаш не е доцна за да се сподели приказната. Претходно повеќепати го имавме искачувано врвот и целиот гребен, но никогаш во вистински зимски услови.

За да се подготвиме не ни требаше многу, заминавме за с.Нистрово во среда попладне и движејќи се ноќе низ длабокиот снег пристигнавме на превојот Пралуга (околу 1700 мнв) каде го поставивме шаторот. Ноќта беше ведра и исклучително студена.

Наредното утро не дочека прекрасно изгрејсонце и убав ден во најава, се подготвивме за кусо време и појдовме најпрвин до врвот Рибничка Скала, а оттаму по целиот гребен до Кабаш. Вистинско алпско планинарење среде масивот Кораб, на кое поради спецификите на теренот треба да се биде крајно внимателен. А на Кабаш убавини, си честитавме со Благој и се освеживме пред да појдеме на долгиот пат за назад најпрвин до шаторот и потоа до с.Нистрово. Една од авантурите што не се заборава.

Видео:

Фотографии: