Петок, 5 Август 2011

Мојата прва експедиција – Ден 19 – крај

Одвратна нива. Епа баш во нива мораше да спиеме. Така, како за последна ноќ. Отвораме шаторот и гледаме во што сме спиеле. Скоро орана нива, некакви корења, фабриката уште си работи, бука од сите страни. Ама ајде, помина и тоа. Одиме накај Аграте. Барем Габриеле ќе ни се израдува.

Претходни страници од книгата: Ден 18


Така некако без воља го собравме шаторот, се спакувавме и тргнавме. Погледнувам на мапата. Ништо интересно на повидок. Рамно и право. Исто како претходните два дена. Ја возиме Виа Емилиа и тоа е. Само се молиме побрзо да стигнеме во Милано. Некако и психички попуштивме. Одвај чекавме да стигнеме, а воедно и ни беше криво дека патувањето завршува. Ова беше одлично искуство. Сè што требаше да направиме на овој ден е да вртиме со нозете.

Мапата покажуваше дека ќе ја посетиме и Пјаченца. Град во кој има голема македонска заедница. Тука Гоце има роднини и ги посети на пат накај Милано. Неколку дена пред да се сретнеме. И така, ние си вртиме, километрите си се нижат. Полека, полека сме стигнале во Пјаченца. Мало земјоделско гратче. Исто какви што беа и другите по пат. Сите градови во оваа долина на реката По се со развиено земјоделтсво. Дури и индустријата е подложена на земјоделството. Нешто за обработка на производите, за производство на земјоделски алати и машини, млекари…

Пјаченца го доживеавме како питом град. Како што поминувавме со знамињата така имавме чувство дека луѓе коментираат за нас. Нè препознаваат. Неколку пати луѓето од колите ни свиреа со сирените, поздравувајќи не со: Напред Македонија!!! Застанувавме да поразговараме со нив. Не се жалеа, но не се ни фалеа многу од животот во Италија. Така, скромно. Го најдовме и македонскиот ресторан, наидовме и на бербер којшто на излог имаше постер од Тоше. Поседовме пред катедралната црква, место од каде што најубаво може да се види градот, неговите жители, нивните манири, и продолживме. На излез од градот сретнавме човек кој што беше на пат околу светот…пешки. Туку оди по регионалниот пат и мавта со еден стап. Така си мава по тревата. Беше Американец тргнат на пат пред неколку месеци. Баш изгледаше среќен. Секоја чест.

Излегувајќи од градот, патот нè носеше кон мост на реката По, што значеше и границата помеѓу Емилиа-Романа и Ломбардија. Не сме далеку од целта. Не се ни брзавме. По пат наминавме во едно гратче Лоди. Убаво мало ломбардиско гратче. Влеговме во паркот. Беше заграден. Се влегуваше само од една голема дрвена врата. Зошто ли го заградиле волку? Еве зошто. Заради злоупотреба на паркот од локалната младина, жителите решиле да го утврдат паркот и да забранат: влегување со велосипед, спиење, јадење, шетање, пресоблекување. Ние го направивме сето тоа. Ама не знаевме.

После 2 часа поминати со вакви активности ни пријде една жена. А цело време не гледаа под око. Женава ни рече дека не толерирале колку што можеле, дека сфатиле дека доаѓаме од далеку, ама дека е време да заминеме бидејќи не е фер за локалните жители да биде забрането сето тоа, а ние да го правиме. Се извинивме. Но немавме никаква лоша намера. Дури и им се заблагодаривме. На излегување ги видовме сите забрани залепени на влезната врата. Како ли не сме ги виделе на влегување?

Продолживме кон Аграте. Не сакавме да влегуваме во Милано, бидејќи кружењето ќе ни донесеше повеќе километри, но пократко време. Малку искруживме, но не се расправавме со многу сообраќај. Во селото Горгонзола застанавме во една продавница за смрзната храна и си купивме по пола кило сладолед. Јас од чоколадо, Јово од лимон. На Јово беше поубав зошто беше поосвежителен. Продолживме. Конечно на патот почнаа патоказите што водеа кон Аграте Брианца. Набрзо сме дома. Не ни беше тешко да ја најдеме куќата на Габриеле. После 20 дена на пат, и 2000 километри, повторно доаѓаме во своја куќа. Си дојдовме дома.

И како и првиот пат така и сега. Облаци почнаа да се собираат облаци од сите страни. Почна да врне како што никогаш не врнело во Милано и околината. Домаќините ни рекоа дека цело лето не заврнало, а токму во деновите кога ние дојдовме, истури. А се подготвувавме да одиме во диско во Милано. Гари ги поканил и пријателите. Требаше заедно да одиме да го прославиме успехот на експедицијата. И тие беа велосипедисти. Знаеја што значат Алп Дуез и Галибие.

Ама сме биле големи баксузи. Облаците донесоа страшно невреме во Милано и околината. Одеднаш снема струја. Токму на вечера. Па си правевме романтична вечера со ломбардиска храна и вино. Малку прошетавме низ Монца барајќи бар што работи, бидејќи се беше затворено заради невремето. Струјата дојде токму за да осветлат сопствениците на локалите за да можат да ја увидат штетата предизвикана од невремето. Последиците беа катастрофални. На крајот најдовме еден бар, таму и седнавме, испивме по некое пиво и назад дома на спиење.

Накај дома Гари не можеше да ја најде колата, па ја свртевме цела Монца додека ја најде. Многу интересна случка. Габриеле сакаше да ни покаже и повеќе од Монца и Аграте, но не можеше заради невремето. Беше упорен но ние го откажавме во намерата. Бевме уморни. Можеби и ни се досади да гледаме нови места и градови.
Сакавме дома.


Сврти на почетокот – Вовед