Куп на Македонија во сквош 2013

Во изминатиот викенд, од 1-3ти ноември, се одржа третиот Куп на Македонија во сквош, на терените на Сквош Центар во Скопје, со учество на 12 натпреварувачи.

Купот за првпат го освои Кирил Сотировски, после две изгубени претходни Куп финалиња од Кире Крстевски. Со овој успех, Сотировски во 2013г. ги обедини титулите на двете официјални првенства во сквош во Македонија, првенството и купот. Второто место го освои Бранко Калеовски, во своето прво финале, што е негов втор медал, после бронзениот од овогодинешното првенство.

Во финалето Сотировски успеа со искусна игра да ги неутрализира налетите на енергичниот Калеовски кој даде неочекувано голем отпор. После тесен прв сет и релативно полесен втор сет и водство на Сотировски од 2:0, играта и упорноста на Калеовски му донесоа и сет, но веќе во четвртиот Сотировски се консолидираше и преку брзо водство без проблеми го доведе сетот а со тоа и мечот до крај. Интересно е да се спомене дека финалистите играа меч и во групната фаза, кој заврши со ист резултат, 3:1.

Во борбата за бронзен медал, сребрениот од првенството, Горан Панев играше доволно прецизно во пресудните поени, и користејќи ја подобрата кондициона спремност го совлада својот тренинг партнер Златко Крстевски, кој за првпат се проби до полуфиналните средби.

Во полуфиналето меѓу Калеовски и Панев се очекуваше поизедначен резултат, но Калеовски беше поконцентриран и добро се справи со физичката спремност на Панев. Во сетови со тесен резултат, тој со 3:1 му се реваншира за полуфиналниот пораз во овогодинешното првенство. Во второто полуфинале Сотировски немаше проблеми со инспирираниот Златко Крстевски кој дојде и до сет топка во вториот сет, но не ја реализира. За потенцирање е успешното враќање на Ивица Кондев после подолга пауза од официјалните натреварувања. Тој со технички прецизна игра и многу финеси дојде до петтото место, победувајќи го инспирираниот Ѓоко Петковски.

Куриозитет е што двократниот победник на купот Кире Крстевски, и покрај тоа што беше непоразен во групната фаза мораше да се откаже во текот на одигрувањето на Купот заради раѓањето на неговото прво дете син.

Финале – Кирил Сотировски 3:1 Бранко Калеовски

за трето место – Горан Панев 3:0 Златко Крстевски

Полуфинални мечеви – Кирил Сотировски 3:0 Златко Крстевски

Бранко Калеовски 3:1 Горан Панев

За прв пат оваа година во ревијалните натпреварите беше вклучен и сквош подмладокот каде победник беше Виктор Панев, Горјан Крстевски втор, а третото место припадна на Марко Марковиќ кој иако е постар е на самиот зачеток со тренинзи. Горјан и Виктор се поискусни и главниот меч беше помеѓу нив, каде со пресврт во резултат од 16-11 предност за Горјан заврши со крајно бодување од 16-21 за Виктор.