Која е разликата помеѓу Специјална Олимпијада и Параолимпијада?

Двете организации се обидуваат да ја искористат моќта на спортот за да го променат начинот на кој светот ги гледа луѓето со попреченост.

Меѓународниот олимписки комитет, Специјлната олимпијада и Меѓународниот параолимписки комитет се комплементарни организации и секоја од нив сведочи за моќта на спортот. Секоја од нив претставува столб на олимпиското движење одговорно за исполнување на олимписката визија на еден поразличен начин.

Специјалната олимпијада ги повикува сите спортисти со интелектуална попреченост (на возраст од најмалку осум години) со најразлични нивоа на попреченост да тренираат и да се натпреваруваат во 32-та олимписки спорта. Светските специјални олимписки игри се одржуваат на секои четири години, независно од Олимписките игри.

Параолимпијадата ги вклучува сите спортисти од шест главни категории на попреченост: лица со ампутирани делови на телото, лица со церебрална парализа, лица со интелектуална попреченост, лица со попречен вид, лица со повреди на ‘рбетот и Les Autres (француски за „други”, категорија која вклучува состојби кои не припаѓаат во претходно наведените категории). Овие игри се одржуваат во иста година и во иста земја како и редовните Олимиски игри, непосредно по нивното завршување.

Разликата е всушност во натпреварувачката филозофија

Специјалната олимпијада силно верува дека спортот им помага на сите оние кои учествуваат да го исполнат својот потенцијал и не отфрла ниту еден спортист врз основа на квалификациските поени, туку ги одделува спортистите врз основа на оние поени за фер натпреварување со други лица со слична попреченост. За спортистите на Специјална олимпијада целта е достигнување на лична совршеност и извлекување на максимумот од секој поединец.

Додека пак, за да стекнат право на учество на Параолимписките Игри, спортистите треба да исполнат одредени критриуми и квалификациски норми одредени од страна на Интернационалниот параолимписки комитет и од други релевантни спортски организации. Параолимпијадата претставува елитно спортско натпреварување, при кое спортистите поминуваат строг квалификациски процес кој ги издвојува најквалитетните и најдобро рангираните за учество во игрите.

Меѓународниот олимписки комитет ја призна Специјлната олимпијада со протоколарен договор во текот на Зимските олимписки игри во 1988 година. Во 2009 година, членовите на Меѓународниот параолимписки комитет гласаа за вклучување на спортистите со интелектуална попреченост во натпревари, вклучувајќи ја и Параолимпијадата, со започнувањето на Летните олимписки игри во Лондон во 2012. Со ова се анулираше одлуката донесена на Параолимпијадата во Сиднеј 2000 година да не се вклучуваат спортисти со интелектуална попреченост во Параолимпијадата и други натпревари делегирани од Меѓународниот параолимписки комитет. Така што, често е случај спортисти кое се дел од Специјална Олимпијада, а ги исполнуваат условите, да настапуваат и на Параолимписките игри.

Нашата држава има редовни претставници на двата настани кои остваруваат значителни резултати во повеќе спортови.

Параолимписките игри во Рио 2016 се во полн ек, затоа пуштете стрим или повелете на некој од тренинзите на Специјална Олимпијада Македонија и останете инспирирани.