И Најк сака да симне маратон под 2 часа

Иако за најголемиот дел од светските експерти во маратонското трчање, симнување на рекордот на под два часа е практично невозможна мисија за остварување, на виделина искочи и вториот проект во светски рамки кој тргна во потрага по „невозможното”. 

Неколку месеци по поставувањето на актуелниот рекорд на маратонската трка во Берлин 2014 година кој беше направен од Денис Кимето со фантастично брзите 2:02:57, на нет се појави проектот Sub2hr (Под 2 часа) кој најави потрага по рушење на бариерата од 2 часа на маратонска патека. Тимот кој работи на овој проект наиде на потешкотии во собирање на потребните средства за остварување, но екипата сепак активно работи со еден од најдобрите маратонци Кенениса Бекеле кои ќе се обидат до 2019 година т.е. 5 години откако го започнаа да го остварат овој резултат. 

Две години подоцна т.е. денес, ете ти ги и Најк со ист нивни проект, каде најавуваат три светски маратонски тркачи – Елиуд Кипчоге од Кенија, Лелиса Десиса од Етиопија и Зерсенај Тадесе од Еритреа како тимот кој ќе се обиде да истрча маратон под два часа и тоа оваа следна пролет во 2017 година. 

Моменталниот рекорд кој го држи Денис Кимето е за скоро 3 минути „поспор” од посакуваните 1:59:59 кој ќе ги брка тимот Breaking2 на Најк, а самиот факт што само една „рака” луѓе во светски рамки успеале да се приближат до оваа временска рамка, која сепак е доста далеку од посакуваните 2 часа ја прават мисијата навистина невозможна поготово во толку краток период каков што најавува Најк…

Претпоставките велат дека за било како да се приближат до посакуваното време, проектот мора да се извши во многу строго контролирана средина. Несомнено е дека тимот ги има едни од најдобрите тркачки атлети на планетата во моментот, но намалувањето на 3 минути од сегашниот рекорд звучи екстремно тешко. Бројките велат дека рекордот на Кимето е со темпо од 2,9 минути/километар (175 секунди/километар), а за да се намали маратонот под два часа, истото треба да биде 2,8 минути/километар (170 секунди/километар) во текот на целата стаза или околу 5 секунди побрзо на километар. 

Интересна е теоријата поставена од анестезиологот Мајкл Џојнер која вели дека временскиот лимит на маратонската дистанца кој може да го постигне возрасен маж со потребни (еден куп) технички т.е. физиолошки карактеристики и во контролирана средина е 1:57:58. Досегашните бројки на овие патеки се се уште далеку, а дали ќе успее некој од тимот на Најк, или ова е само добро изрежирана маркетинг акција ќе видиме во следниот период…

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија