Еверест во зима – пропадна првиот обид на Чикон и компанија

Оваа недела баскискиот високогорски искачувач Алекс Чикон заедно со непалските искачувачи Нурбу Шерпа и Чепал Шерпа успеаја да стигнат до четвртиот камп на јужното седло под Еверест од нивната зимска експедиција, но мораа да се вратат назад поради лоши временски услови. 

Првото качување на највисокиот врв на планетава во зимски услови е направено уште во 1980 година кога Кшиштов Вијелицки и Лесжек Сиши на 17 февруари успеваат да се искачат како дел од голема полска експедиција. Оттогаш па се до 1993 година Хималајската датабаза вели дека се направени повеќе обиди за зимско искачување на Еверест, од кои заедно со првите двајца Полјаци, уште 13 други планинари (!од кои 10 Јапонци) го имаат направено овој подвиг. Еден од овие 15, Јапонецот Јасуо Като кој всушност е трет зад Полјаците, загинува. 

Сепак, само еден од овој грст планинари, Непалецот Анг Рита Шерпа на 22 декември 1987 година успева да го качи Еверест во зима без користење на суплементарен кислород што додава значителна тежина на подвигот. Иако ова искачување е проследено со некои контроверзи околу периодот кога е направен подвигот – истото е направено точно на датумот на зимската краткоденица, сепак во базата овој подвиг се уште стои како прв и единствен во вакви услови и календарска зима. 

Следи период од околу 17 години целосно намалување на трендот за ваквите искачувања, до оваа година кога се појави експедицијата на баскискиот искачувач Алекс Чикон кој заедно со неговата шерпаска екипа се во обид да го направат второто искачување на Еверест во зима без користење на кислород.

Екипата е некаде на планината веќе околу 2 месеци, а во нивниот прв посериозен обид оваа недела тие успеаја да се искачат од 3 на 4 висински камп на 7950 мнв. т.е. на јужното седло под Еверест и Лоце. Сепак, поради силни ветришта и ниски температури тие мораа да се вратат во 3 камп (7400)каде по една вечер се симнаа во базниот камп каде ќе се подготват за следен обид.

Алекс изјави дека искачувањето до јужното било потешко и од зимското на Нанга Парбат кога тој заедно со Симоне Моро, Али Садпара и Тамара Лунгер (која не успеа да се искачи) успеаја да се искачат. 

Кои се предизвиците?

Најголем предизвик за ваквите искачувања претставува температурата која на овие височини и во овие периоди се движи од -30 до -60. Ветриштата се секако следни и истите знаат да дуваат и до 200 км/ч, но важно е да се напомене и дека парцијалниот притисок на кислородот на студените температури е понизок од и онака ниските вредности на овие висини. 

Интересна е и статистиката за искачувањата на Еверест од 1953 до 2014 година. Бројките велат дека од вкупно 7000 луѓе кои се имаат качено во овој временски период, оние 15 луѓе кои се качиле во зима се само 0,2%. 

Единствен врв повисок од 8000 метри кои се уште не е искачен во зима е К2. 

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија