Наслов

Џабе правите новогодишни резолуции

Ќе стопам некое кило, ќе почнам да вежбам и ќе станам згоден/на, ќе џогирам два пати неделно, ќе јадам.... Само 8 проценти успеваат, другите се лажат со тоа „ќе“.

Унапредувањето на сопственото јас, или барем желбата да се постигне тоа претставува хоби кое голем дел од популацијата го практикува. Особено во овој период на преодот на една година во друга, голем процент од луѓето имаат тенденција да направат некое ветување пред самите себеси за подобрување на некој сегмент од животот. 

Една статистика од Америка која беше обработувана во Форбс магазинот вели дека 40 проценти од популацијата во оваа држава прави некаква новогодишна резолуција, што е огромна бројка. 

Но, резултатите покажале дека само 8 проценти од луѓето успеваат да ги исполнат саканите цели од нивната резолуција. Останатите, или воопшто немаат успех со ова, или имаат но само за краток период.

Една од главните пречки кои ги оневозможува луѓето да ги исполнат желбите и целите се комплексните листи на промени што ги правиме, односно посакуваме. Наместо тоа, психолозите препорачуваат намалување на аспирациите и посакување на помалку работи кои би биле полесни за исполнување. 

Од друга пак страна, секоја цел е полесна за исполнување ако е ограничена со рационални граници. Така што, целта „да ослабнам“ е секогаш тешка за следење поради фактот што во нејзе нема никакви спецификации. 

Наместо тоа, подобро е да си кажете дека ќе се откажете до јадењето на помфрит, слатки и пиењето газирани сокови за одреден период, со што тоа деталите ќе ви го олеснат исполнувањето. 

03 Јануари 2014

За авторот