ПРАНАЈАМА

Наслов

Добро дишење - Здраво живеење

Дишењето е главно обележје на постоењето. Дишеш - живееш. Тоа е во тесна поврзаност со виталната енергија и со другите функции во телото.  Затоа, ако го „култивираме" дишењето и развиеме контрола врз него ќе создадеме услови за подобро функционирање на телото, за смирување на емоциите и умот. Ова можеме да го направиме благодарение на тоа што дишењето е единствен автоматски процес во организмот кој може да го контролираме и по своја волја, да го забрзаме или успориме, да го задржиме или продлабочиме.

Западниот свет во последните неколку децении сè повеќе го усвојува сфаќањето на човекот уште од дамнина присутно во старата индиска традиција. Според оваа филозофија човекот има пет „обвивки", од кои физичката обвивка или физичкото тело е само првото ниво.

Второто е виталното тело кое е сочинето од прана, т.е. животна енергија која тече низ нас по невидливи патишта познати како надија. Третото е нашиот ум, мислите и емоциите. Четвртото е вишиот интелект, совршената мисла и знаењето. Последното е престојувалиште на блаженството или универзалната свест. Таму е седиштето, од каде и се емитираат есенцијалниот внатрешен мир и вистинската среќа во секој од нас.

Четвртото и петото ниво се проникнати од пошироката, универзалната свесност и не можат да бидат вознемирени, а нерамнотежа може да има само на првите три нивоа. Тоа е така зашто врз физичкото тело, праната и умот доминира его-свесноста, која многу лесно се вознемирува, со што автоматски се внесува нерамнотежа во телото, енергијата и умот.

Токму врз ова сфаќање на човечкото суштество се засновани јогиските техники: асаните (телесните положби), пранајамата (дишните техники), медитацијата и другите техники, кои се средства со кои може да ги одржуваме, прочистуваме и урамнотежуваме своето тело, енергија и ум.

Техники на дишење

Секоја од јогиските техники има свое специфично дејство, а целта на техниките на пранајама е да научиме да дишеме правилно, да развиеме контрола на дишењето со што постигнуваме хармонизирање на енергијата и на менталните процеси. Постојат различни техники на дишење, некои од нив ги чистат дишните и енергетските текови (капалбати), други ги урамнотежуваат енергиите (нади шодана, сук пурвак), а трети пак со вибрација создаваат ментална смиреност (брамари, уџаи-пранајама).

Покрај тоа, овие пранајами внесуваат повеќе кислород во организмот што е важно за неговото здравје, го јакнат имунитетот, помагаат белите дробови да се прочистат, ја подобруваат концентрацијата и работоспособноста, дишењето станува длабоко и мирно и во секојдневието.

Некои од техниките се полесни, а други бараат поголема контрола на здивот, но и за едните и за другите е важно да се учат под надзор на искусен наставник.

Како основа на техниките на дишење е комплетното јогиско дишење - со вклученост на абдоменалната, градната и клавикуларната зона. Ако не користиме некој од тие делови тогаш мускулите од тој дел стануваат послаби, или хронично напнати. Затоа на курсевите се работи на јакнење и релаксирање на дишната мускулатура и на користењето на трите дишни зони.

Кога се вежба ова, после извесно време дишењето ќе стане подлабоко, полесно, послободно. Ќе исчезне чувството дека ни „фали" воздух. Само тие што имале проблем со дишењето знаат каков благослов е да се дише слободно. Дишењето ни го одржува животот, и секоја потешкотија поврзана со него автоматски го буди стравот за сопствената безбедност. Затоа правилното, непречено дишење за нас значи здравје, среќа и одржување.

Надминете ги проблемите со дишењето

Многу од нас изгубија способност да дишат здраво. Седечкиот начин на живеење, менталните и емоционалните стресови заедно влијаеа дишењето да ни стане поплитко и неправилно, што од ден на ден влијае на нашето расположение, а на подолг период и на нашето здравје. Хроничниот замор, респираторните инфекции и многу алергии можат да бидат предизвикани од лошиот начин на дишење. Затоа најголемиот придонес што јогата може да го даде во нашите животи и нашето здравје е повторно да ни го врати природното дишење.

Понекогаш астмата и бронхитисот, се причина некој да почне да практикува јога. Но проблемот со дишењето не се решава само со техниките на дишење, зашто е предизвикан и од други фактори. Затоа во ублажување и совладување на проблемите со процесот на дишење се приоѓа холистички, со застапеност на соодветна физичка активност (асани кои го олеснуваат и продлабочуваат дишењето), постапки за прочистување, релаксации и медитации кои ни ги ослободуваат телото и умот од блокадите, стресот и стравовите. И најчесто, штом психофизички ќе се релаксираме дишењето ни се смирува и продлабочува.

Весна Алексовска - претседател на Центар за јога и личен развој

16 Јануари 2014

За авторот