Дали затоплувањето стави крај на качувањето на Еверест?

Откако трагедијата која се случи овој месец буквално ја приведе во финиш и онака уште незапочнатата качувачка сезона на Еверест, се поставува прашањето дали климатските промени имаат моќ да стават крај на качувањето на Еверест?

 

Трагедијата која се случи на средината од овој месец ефективно стави крај на качувачката сезона на Еверест за оваа година (барем за поголемиот дел од експедициите), а многумина гледаат во глобалното затоплување како главен кривец за сето ова.

Во изјава за The Atlantic, Џон Ал, качувач, научник и професор по географија вели дека „работите се многу загрижувачки поради климатските промени. Мразот се топи со досега невидени размери, а тоа во голема мера ја зголемува опасноста и ризикот од повреди на качувачите.“

Глечерот Кумбу каде што се случи трагедијата претставува огромно „тело“ од мраз кое што е опколено со замрзнати глацијални маси познати како сераци кои висат на овој предел и во секој момент можат да се откачат. Ова е неодминлив дел од рутата за качување од јужната непалска страна која што качувачите мораат да ја поминат и по неколку пати (како дел од аклиматизацијата), а шерпасите и многу повеќе за време на својата работа.

Секоја сезона „докторите за мраз“ (Ice doctors), група на искусни шерпаски качувачи ја одбираат рутата која ќе се користи во таа сезона и ја обезбедуваат со јажиња и подвижни скали за да се овозможи преминување на огромните ледени блокови. Но, во последните неколку сезони голем број на загрижувачки пораки беа испратени од луѓето кои ја виделе ситуацијата на глечерот.

Како и сите глечери на планетава, и тој е во фаза на топење и во последните 50 години тој се има скусено за околу 15 метри, а базниот камп кој се наоѓа во неговото подножје има изгубено 12 метри висинска разлика.

Хималаите се нарекуваат и „третиот пол“ бидејќи како единствена планинска формација тие имаат повеќе снег и мраз од било кој друг регион на планетата, освен од јужниот и северниот. Но, постепено овие мразови се топат и претставуваат голем проблем како и за оние кои сакаат да го качат врвот на светот, така и за оние заедници кои зависат од водата од овие глечери.

Најзагрижувачкото од сè е тоа што овие промени се случуваат во време кога Еверест стана популарна и „достапна“ дестинација, а со тоа се зголеми гужвата и побарувачата на оние кои сакаат да се качат.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија