Наслов

Бизнис трка за најбрза македонска компанија

На 1 октомври во Скопје ќе се одржи Business Run 2017, штафетна трка за тимови од македонскиот бизнис сектор.

За трката можат да се пријават сите компании, организации, институции, здруженија, дипломатски претставништва и сл. субјекти кои припаѓаат на деловно-општествената заедница, а се регистрирани и вршат дејност во Република Македонија.

Трката ќе биде штафета со 4 измени, а компаниските тимови треба да бидат во мешан машко-женски состав, за да ја одразат реалната слика на секојдневниот работен амбиент во компаниите. Патеката е долга 8 километри, односно секој учесник во својата измена ќе треба да истрча по 2000 метри.

Сите заинтересирани своите тимови можат да ги пријават преку електронскиот формулар на веб страницата www.prvdovrv.mk. Нема ограничување за бројот на тимови што може да ги пријави секоја компанија.

За сите учесници на трката, претходно се организира нетворкинг забава за запознавање и дружење, која иницирана од трчањето може да донесе нови деловни релации за бизнис заедницата во нашата земја.

Најбрзите три тимови на Business Run 2017 ќе бидат наградени со златна, сребрена и бронзена штафета, како и со вредни подароци за тимот, а ќе бидат наградени и двајцата најбрзи поединци во машка и женска конкуренција, оние кои истрчале најбрз круг.

Целта на оваа трка е заедничко спортско, рекреативно и деловно дружење помеѓу компаниите и јакнење на тимскиот дух помеѓу вработените.

Стартот е закажан во недела во 10 часот, на рекреативната патека на кејот на Вардар кај хотелот Парк.

Организатор на Business Run 2017 e здружението за спорт и рекреација Прв до врв од Скопје.

29 Септември 2017

За авторот