Алекс Хонолд во негов стил на Ел Капитан

Овој викенд на 3.06.2017 американскиот качувач Алекс Хонолд успеа да ја искачи една од најтешките насоки во долината Јосемити – Фрирајдер 7c/+  во слободен соло стил т.е. без користење на јажиња и додатна опрема. 

Хонолд е добро познат лик во качувачката заедница, како еден од екстремно ретките качувачи во слободен соло стил кои не користат никаква дополнителна опрема и обезбедување во искачувањето. Овој викенд тој успеа да ја искачи насоката Фрирајдер со оцена 7c/+ долга околу 900 метри од подножјето на Ел Капитан до врвот. 

Подвигот слободно може да се означи како еден од најсилните светски качувачки дострели со оглед на тежината и степенот на експонираност при искачувањето. „Ова е „слетување на месечината” во качувањето” – за Нешнл Џиографик изјави Томи Калдвел кој заедно со Кевин Јоргенсон во 2015 година успеаја слободно(со користење на јажиња, но единствено за обезбедување) да ја искачат Dawn Wall 9а на Ел Капитан. 

Искачувањето започна во раните утрински часови, а нешто околу 4 часа подоцна Американецот веќе беше на излезот од насоката која во целата нејзина „полирана” гранитна должина од 30 цуга содржи исклучително тешки и опасни сегменти. Подвигот беше документиран од Џими Чин и Елизабет Васархели. 

Покрај исклучително добрите физички карактеристки на Хонолд кои му овозможуваат да ги прави овие фантастични искачувања, во овој стил на качување главен сегмен е менталната смиреност и ниво на концентрација која тој има способност да ја одржи во текот на целото искачување. Голем дел од елитните качувачи велат дека токму овие карактеристики се клучни за качување на вакви сериозни насоки без користење на било каква опрема за осигурување. 

Сепак, на другата страна тука е и времето и посветеноста која Алекс ја има вложено во качувањето. Тој е познат како екстремно посветен на неговите тренинзи кои честопати траат долги часови во текот на денот, а секогаш е темелен во анализирањето и калкулирањето на сите потези и сегменти кои се вклучени во искачувањето. Води детален дневник со неговите тренинзи и забелешки од досегашни искачувања. Во последнте неколку години од неговиот живот тој живее во комбе со кое може многу лесно да пристапи до качувачките локалитети. 

Пред овој подвиг Алекс беше во активно проучување на насоката, со Томи Калдвел направија пробно искачување, а неколку денови пред искачувањето тој абзелуваше каде направи финална проверка на сите сегменти и фаќалишта на насоката. 

Фотографии – National Geographic 

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија