ЈУБИЛЕЈ ОД ПРВОТО МАКЕДОНСКО ИСКАЧУВАЊЕ НА МОНТ EВЕРЕСТ

25 години Еверест

Вчера на 03.06.2014 во просториите на Александар Палас во Скопје се одржа 25-годишниот јубилеј на првата и најзначајната македонска експедиција на Еверест и на сите останати луѓе кои дадоа исклучително важна логистика нашето знаме да завиори на врвот на алпинизмот.

Домаќини и иницијатори на манифестацијата беа Надир Мурсели, наш искусен алпинист кој моментално живее во Швајцарија, проф. др. Сашко Кедев и тогашниот водач на македонската експедиција Јован Поповски. На јубилејот беа поканети и сите останати личности кои учествуваа во оваа експедиција и со свој придонес делуваа врз најважниот потег за македонскиот врвен планинарски спорт. 

На почетокот се зборуваше за деталите околу повеќегодишниот подготвителен период на Андите, Памир, Манаслу, а за навраќањето на Еверест 89` свое излагање имаа и Виктор Грошељ и Стипе Божиќ, словенечкиот и хрватскиот алпинист кои се приклучија на нашата група како и Борче Јовчевски кои играше важна улога во логистиката низ целото искачување.

Се зборуваше за Диме, за неговото искачување кое што значеше најголемата радост за македонскиот спорт, но и за најголемата тага на една цела нација, тоа што тој вечно остана горе. 

На средина од манифестацијата беше проектиран краток филм во кои имаше кадри од самото искачување снимани од Борче Јовчевски, а во кратки интервјуа своите видувања ги искажаа и Јован Поповски и Горазд Росоклија, официјалното медицинско лице на експедицијата. 

Во продолжение, Надир, Сашко и Јован на сите членови на експедицијата и на сите оние кои на било каков начин допринесоа во нејзиното реализирање им поклонија цепин и благодарница за своето залагање, а во крајниот сегмент Јован критички се осврна на целата надолна линија која се има случено на полето на планинските спортови во Македонија од таа 89` па се до ден денес. 

ГАЛЕРИЈА ТУКА

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија