Наслов

Првиот град кој постана национален парк

Национални паркови се природни подрачја кои се далеку од урбани средини затоа што тоа значи уништување на природата и животниот хабитат во неа. Но, Лондон не размислува така...

Националните паркови започнуваат да се формираат пред околу 200 години, со сфаќањето дека некои места си имаат особено природно значење и треба да ја претставуваат природната убавина на државата во која се наоѓаат, а луѓето да имаат право да ја користаат таа природа за рекреација и уживање во неа, оставајќи ја природата непроменета.

Со назначувањето на регионот за Национален Парк се добива законска правна заштита, посебен буџет и персонал за ефикасно спречување на експлоатацијата на природните ресурси, заштитување и почитување на екосистемите, еколошките, геоморфолошките и естетските карактеристики кои довеле до оформување на природен пејзаж со голема убавина кој има посебен научен, едукативен и рекреативен интерес за државата.

Самата помисла за тоа што е Национален парк ги пропушта урбаните средини, а зошто е тоа така не било баш размислувано досега, бидејќи на прва, синоним за Национален парк е природата надвор од урбаните места.

Мислата за урбан национален парк светнала во 2013та година, кога истражувачот за National Geographic и поранешен професор по географија, Даниел Равен-Елисон, тргнал во авантура заедно со својот син да ги посетат сите национални паркови низ Велика Британија.

Како Лондон постана првиот Град-Национален Парк

Авантурата што ја направиле со својот син влијаела на Даниел да почне да му ја мисли за урбаните места и да се запраша:

''- Зошто низ целиот свет, секоја голема природна површина и богат хабитат се препознаени како дел од фамилијата национални паркови, а градовите секогаш се изоставуваат од оваа рамка?"

Како истражувач и герила географер, тој прошетал низ многу градови откривајќи природни елементи во градот и дефинирајќи многу фактори на функционирање во градските средини, а тоа искуство му дало основа да размислува критички за својот град:

  • Лондон е регион со најголем биодиверзитет низ цела Велика Британија, зошто тој биодиверзитет да има помало значение од руралниот див свет?
  • Зошто градовите имаат помала вредност од некоја дождовна шума или пустина кога се размислува за национален парк?
  • Што ако Лондон постане Национален Парк?

Со овие почетни размислувања започнува една нова сторија за Лондон, но на почетокот оваа сторија е само во умот на Даниел. Првите месеци тој воопшто не го поставил ова прашање на никого, туку ги размислил потенцијалите и начините на тоа како Лондон, град со 9 милиони жители и исто толку размислувања за градот, да постане Национален Парк. - (за помалку од 6 години Лондон официјано постана првиот Град-Национален Парк)

Кога почнал да ја тестира идеjата на своите познаници тој, демек случајно, ги запрашувал - ...а што мислиш ти за тоа Лондон да постане национален парк?
Одговорот на прва секогаш бил - еј, не биди луд, такво нешто е невозможно...
Но скоро на сите на кои им го поставил прашањето, дали по неколку часа, неколку дена или неколку недели... втората реакција им била - еј а знаеш тоа би било одлично за Лондон.

Сфатил дека за да успее оваа идеа клучната работа е да ја поттикне имагинацијата, луѓето да замислуваат како Лондон би изгледал и како би се живеело во него ако е Национален Парк. Почнале повеќе различни нешта за да ја отворат имагинацијата на луѓето.

  • Направиле петиција низ градот со која заеднички побарале од градоначалникот да го направи Лондон Национален Парк.
  • Направиле целосно мапирање на Лондон како Национален Парк со сите паркови, водотеци и живеалишта на животните низ него,
  • Поставиле разновидни знаци за движечки патеки и патокази, објаснувања за флората и фауната низ градот
  • 100тина студенти по географија го поминале целиот град фотографирајќи го како национален парк. 

  • Направиле 33 постери за секоја општина во Лондон и ги поставиле во градоначалничката установа, со цел секојдневно да бидат погледнувани од него и сите градски носители на одлуки.
  • Собрале донации за промовирање на идеjата низ Лондон и ја развиле да го достигне моментумот на сериозна иницијатива со подршка од сите политички партии (леви, десни, средни...), разновидни организации од културата и уметноста, спортски и финансиски организации, училиштата... 

Како прва урбана средина која ќе го има епитетот Национален Парк, јасно било дека Лондон не може да се квалификува како класичен НП туку со оваа иницијатива се создава нова, урбана форма наречена Град-Национален Парк или National Park City.

При претставувањето на идеjата се стремеле да достават полабава визија која е примамлива, отворена и јасно објаснува како секој може да помогне, без технократија и досаден жаргон кои би ги отргнале луѓето од идеjата. Јасни биле и за тие кои не придонесуваат лично за иницијативата дека не треба да се чувствуваат лошо поради тоа.

Со ова се развивала клучната grassroots форма, иницијативата да биде од граѓаните за граѓаните, избегнувајки да постане иницијатива водена од градот и градските институции, туку само помогната од нив. (Иницијативата сега е гледана како една мастер визија за милион проекти низ Лондон)

Официјално декларирање на Лондон за Град - Национален парк

Веќе како созреана и прифатена, иницијативата го достигнала моментумот дa постане и реалност со официланото декларирање изминатово лето (од јуни до август низ целот град се одржувале манифестации) на Лондон како првиот град-национален парк.

  • Била испишана повелбата со која се дефинирале визијата, вредностите, целите и постојаното анализирање на достигнувањата на иницијативата.
  • Се формирале партнерствата во кои се вклучени спортски клубови, училишта, локални заедници, граѓански организации и индивидуалци
  • Се отворила фондација - добротворен фонд кој ќе служи за помош на луѓето и локалните заедници да ги остварат зацртаните подобрувања со своите проекти.

Жителите, посетителите и партнерите во иницијативата имаат три основни работи на својот репертоар:

Да се ужива и престојува повеќе на отворено низ Лондон

  • 100% од жителите да имаат слободен и лесен пристап до зелени површини со висок квалитет;
  • Сите деца во Лондон да имаат настави и да играат на отворено, откривајќи ја природата и дивиот свет низ градот;
  • Одлични и достапни можности за велосипедизам, пешачење, кајакарење низ целиот град како и одржување на постојани надворешни уметности и претстави.

Да се направи градот позелен, поздрав и подив

  • Создавање на повеќе зелени површини и одржување на нивното здравје, правејќи го градот над 50% зелен.
  • Одржување на реките и потоците низ градот здрави, чисти и богати со жив свет.
  • Подобрување на квалитетот на воздухот и намалување на загадувањата во нормални граници.
  • Подобрување на условите за живеење на дивиот свет низ Лондон.

Да се промовира идентитетот на Лондон како град-национален парк 

  • Постојана помош на жителите и посетителите да ја ценат вредноста и потенцијалот за богат културен живот кој извира од надворешните активности.
  • Јавните места да бидат врски помеѓу природата-зеленилото и градбите
  • Урбаната средина да биде атрактивна и одржлива за живеење, работење и посетување.

Штом стигна до овде со читање сигурно сакаш да осетиш и како се живее во град со ваква иницијатива?

Истражи го National Park Maker и види што ти одговара да направиш, прирачникот е за луѓе кои постојано прават нешто и се надградуваат во своето живеење правејќи го својот и животот на луѓето околу нив поквалитетен, па ако се препознаваш нема да погрешиш ако го прочиташ. Клик.

Во меѓувреме иницијативата се проширува и кон други градови (како тргнала работата до 2025 ќе имаме 25 градови низ светот кои се град-национален парк) Њукасл се треми да биде вториот град-национален парк во светот, како и Глазгов кој оформил своја иницијатива, Австралијанците од градот Аделаиде исто така започнале со свои активности како и Ирците од Галвеј. Велс пак создава своја иницијатива за целата држава... 

21 Октомври 2019

За авторот