Наслов

Каде (ќе) оди целата оваа пластика?

Во последните скоро три декади (од 1992 па наваму), Кина беше убедливо најголем увозник и преработувач на пластични маси во светски рамки со дури 45% од увозот на пластика за рециклирање. Но, од 31 декември 2017 година Кина воведе промена во овие политики и државата решава целосно да го забрани увозот на оваа суровина. Прашањето е што ќе се случи со проценетите 111 милиони тони пластика кои до 2030 година ќе се насоберат во светски рамки ? 

Светските проблеми со пластиката започнуваат повеќе декади наназад и низ годините константно растат. Во 50-тите години започнува масовното производство на пластика кога од 2 милиони тони произведена пластика годишно, бројките растат до неверојатни 322 милиони тони произведени во 2015 година. 

Главниот проблем со оваа суровина е тоа што скоро четири петтини од овие бројки завршуваат во депонии, една десетина се гори, а повеќе милиони тони стигнуваат до океаните секоја година. Само 9 проценти од вкупната произведена пластика се рециклира, а Кина, во периодот од 1992 до денес беше најголемиот увезувач и преработувач на оваа суровина - со вкупно увезени 106 милиони тони пластика во тој период, или околу 45% од вкупната пластика која се рециклирала во тој период. 

За проблемите да станат уште поголеми, со доаѓањето на 2018 година, и овој (не толку мал) дел што Кина го увезуваше и го рециклираше сега останува надвор од границите на државата откако тие ја сменија политиката поради големото негативно влијание што преработувањето го носи по животната средина на земјата.

Во 90-тите години државата ја гледа пластиката како можност за профит и за искористување на рециклираниот продукт за свои потреби, а другите економски гиганти како ЕУ, Америја и Јапонија постанаа главни извезувачи на оваа суровина бидејќи истото им е финансиски поисплатливо отколку рециклирањето. Но од 2012 година, новите регулативи и закони ја направија Кина многу поселективна во увозот на пластика, за до 2018 целосно да го забрани увозот на оваа суровина.

Проценките велат дека од 2030 година, затворениот увоз и преработка од страна на Кина на оваа суровина ќе допринесе до нови 111 милиони тони пластика која ќе завршат на депониите и земјата. Колку за визуелизација на овие бројки, Блумберг вели дека 700-те милиони Ајфони кои се произведени во светот прават само една десетина од еден милион тони пластика. 

Пластиката е суровина која е тешка за рециклирање главно поради контаминацијата од страна на други матерјали кои остануваат залепени за истата. Друг проблем е тоа што најголем дел од пластиката е за една употреба, а производството надалеку ја надминува можноста за соодветно одлагање и рециклирање на овие продукти. 

Покрај ова, очекувањата на индустријата е побарувачката да оди единствено во нагорна линија, па затоа, без смели идеи, нови стратегии за целосно намалување на овој продукт во индустријата, и регулации со висок данок на производителите, еколошката иднина е далеку од сјајна, а побарувачката за рециклирање ќе достигне невозможни и незамисливи големини. - се вели во извештајот

04 Јули 2018

За авторот