Наслов

Бари ќе субвенционира возење велосипед до работа

Архитектите на малиот италијански град Бари заедно со локалните власти се обидуваат да направат мала велосипедска револуција.

Инспирани од велосипедската кулутра и инфраструктура на данскиот Копенхаген, тие отпочнуваат со дизајнирање на нови пешачки и велосипедски патеки во градот со цел да се зголеми бројот на велосипедисти кои го користат ова превозно средство на дневна основа.

Велосипедот важи за најекономично, апсолутно најеколошко превозно средство со исклучителни придобивки за човековото здравје. Па така градоначалникот на Бари стартува проект кој ќе опфати максимум 1000 жители на ова градче кои велосипедот го користат како превозно средство до работното место и за тоа ќе им плати 20 центи по километар, но не повеќе од 25 евра или 125 километри месечно.Овој пилот проект ќе трае четири месеци а градоначалникот на Бари се надева дека до крајот на 2019 година бројот на велосипеди ќе се зголеми двојно.

За да нема забуни околу поминатата километража секој велосипед ќе биде опремен со уред кој ќе ја бележи дистанцата на месечно ниво. Покрај луѓето кои велосипедот го користат како превозно средство до работното место, добивка ќе има и за луѓето кои возат велосипед рекреативно. За секој изминат километар тие ќе добиваат 0,04 евра.

За да нема запоставени, челниците на Бари одлучиле да ги субвенционираат и оние кои немаат велосипед. За купување половен велосипед градските власти ќе помогнат со сума од 100 евра, за нов велосипед со 150 евра, додека пак за електричен велосипед 250 евра.

Претходно Париз и Милано се обидоа да воведат слична велосипедска култура но сепак Бари е првиот град во Европа кој директно ќе плати за употреба на ова превозно средство.

21 Февруари 2019

За авторот