Растително млеко - здрава алтернатива на млекото од животинско потекло

Млеко од Бадеми

Растителните млека стануваат се повеќе застапени во исхраната, не само на оние кои се хранат со сурова или веганска храна, туку и на сите останати кои сакаат поздрава алтернатива на млеката од животинско потекло. Тие се прават од различни јатки, семки и житарки: бадеми, лешници, индиски ореви, коноп, овес, кокос и слично. Процесот е едноставен и скоро ист кај сите нив. 

Потребни состојки за млеко од бадеми:

  • 100гр бадеми (непечени и несолени)
  • засладувач по желба (мед, јаворов сируп, агаве сируп или 4-5 урми)
  • 1-1.5 литар вода 

Бадемите треба да отстојат во вода минимум 6 часа или преку ноќ за да набабрат и омекнат, да се напојат со „живот”, и да се ослободат нивните ензимски инхибитори со што тие ќе станат полесно сварливи. Водата треба да се смени неколку пати за да биде свежа, и истaта не се треба да се конзумира.

Потоа излупете ги (ова одзема 30-тина минути, па планирајте соодветно доколку сакате пијалокот да биде готов во одредено време). Излупените бадеми заедно со засладувачот ставете ги во блендер и додадете 300мл вода. Блендирајте додека не добиете еднаква кремаста маса. Потоа додадете го и остатокот од водата и блендирајте уште неколку минути… и млекото е готово – уживајте!

Бадемовото млеко може да стои во фрижидер, во стаклено шише или тегла, отприлика 3 дена.

* доволно за 6-8 чаши, се припрема за 40 минути. 

Автор

Surovo i vkusno

Скопје

Македонија