Деца и спорт за помалку старечки скршеници

Физички активните деца се среќни и здрави деца! Тоа лесно се забележува и од лаиците, а секојдневно пристигаат докази и од стручните лица. Научниците овојпат докажаа дека физичката активност кај децата не само што спречува дебелеење, туку ги зајакнува и коските со што се намалува ризикот од скршеници понатаму во животот.

Научници од “Skane University Hospital” во Малмо, Шведска, во временски период од шест години следеле 808 момчиња и девојчиња на возраст од 7 до 9 години на кои им била дадена задача да бидат физички активни 40 минути, секој училишен ден. Притоа го следеле развојот на скелетот и документирале дали дошло до некаква скршеница, а потоа ги споредиле резултатите со оние деца кои имале физичка активност околу 60 минути во текот на неделата.

 

На конференција за спортска медицина во Чикаго, тие се изјасниле дека додека траело истражувањето, активните деца се здобиле со 72 скршеници споредено со останата група кај која биде пријавени дури 143. Исто така, густината на коската во ’рбетот (што е индикатор за јачина на коската) била зголемена кај оние деца кои вежбале секојдневно. Важноста на овој податок е во тоа што како човекот старее, природно се абат и коските со што ризикот од скршеници се зголемува, а цврстата подлога се прави уште од најрана возраст.

 

За да се надоврзат на овие резултати, научниците следат и 708 бивши спортисти кои на своите 60-70 години се споредени со здрави мажи на истата возраст кои што не тренинрале до тој степен. Резултатот покажал помал губиток кај коските на спортистите, правејќи ги поотпорни на скршеници.

Со тоа, резултатите ги потврдуваат предностите на секојдневната физичка активност особено уште од детството.

Едно истражување докажува дека и жените во менопауза (ризична група за остеопороза), кои биле поактивни во текот на животот, имале погусти коски и помал ризик да го добијат ова пореметување на коските.

 

Коските со време стануваат послаби и пошупливи бидејќи нивната регенерација не може да постигне во уништувањето на старите и создавањето на нови коскени клетки. Експертите велат дека тука настапува полезноста на физичката активност која го поместува овој баланс во служба на здравата регенерација на коските.

И додека скршениците обично не се чест проблем кај малите деца, никогаш не е премногу рано да се започне со превенција од можните проблеми во иднина.

Па ова нека ви биде една причина плус да ги трампате телевизорите за неколку кругчиња со вашите деца низ маало.