3 стратегии за скротување на слаткиот заб

Ако се уште не можете да се откажете од благцето што неконтролирано го конзумирате во текот на денот, а сакате да го направите тоа од било која причина, можеби треба да обрнете внимание на пошироката слика околу исхраната.

Не скокајте оброци
Одржување на стабилни нивоа на шеќери во крвта преку денот е клучен момент за стрвоста на благи работи. Ако крвниот шеќер премногу падне или пак отиде во плафон, тоа ќе ве направи уште поненаситни за нов шеќерен фикс.

Кое е решението? Обидете се главните оброци да ви бидат искомбинирани од 40% јагленохидрати (салати, зеленчук), 30% протеини (пилешко, риба) и 30% масти (маслиново масло, јатки). Доколку консумирате оброк изграден само од јагленохидрати, тие бргу ќе се апсорбираат и ќе ги направат непосакуваните скокови и падови во крвта.

Избегнувајте прости шеќери за појадок
Ова е многу едноставно: јадење на шеќер ве тера да јадете повеќе шеќер. Плус, може да го стимулира апетитот, па колку повеќе јадете, толку повеќе ќе сакате да јадете.

Кое е решението? Најдете здрава замена. Пробајте јогурт со овесни житарки, јаболко, банана или што било друго кое содржи комплексни јагленохидрати, а не прости шеќери.

Прекинете да си ги решавате проблемите и стресот со слатки.
Посегнување по било какво колаче, торта или било каква форма на шеќер во стресните моменти нема да направи никакво подобрување.

Кое е решението? Најдете друг начин на справување со стресот како јога, вежбање или медитација, слушајте релакс музика или прошетајте во природа. Сето ова ќе делува каде-каде поблаготворно од едно колаче.