Јадете искрен Happy Meal (без играчка)

Понекогаш, насмевката и доброто расположение лежи во оброците кои ги јадете во текот на денот само што ретко кој од нас обрнува внимание па сите си го јадеме намќорот во склоп на скоро секое секојдневие.

Нашиот мозок е командантот на нашето расположение и среќа. Лаички кажано, на мозокот му се потребни четири основни хемикалии, невротрансмитери, кои имаат задача да ги држат емоционалните конци во рака. Тоа се: серотонин, ендорфин, катехоламините и гама-аминобутерната киселина (GABA).

Според психијатарот Џулија Рос, секој од овие четири невротрансмитери е асоциран со некакво позитивно чувство, но и со одредена амино-киселина која има задача да ги вклучи во функција (нешто како гориво за тие да работат).

За да постигнеме балансирани емоции потребно е овие хемикалии да бидат во соодветна рамнотежа, бидејќи никој не би сакал да биде нон-стоп под влијание на само еден од нив.

Бидејќи секој од овие хемиски равенки е вклучен во акција од некои амино-киселини, логично е дека клучот на урамнотеженото расположение е да се јадат правилните и во доволна количина протеини. Покрај протеините, Џулија ги вметнува и омега 3 масните киселини како клучни за добро расположение.

 

Според неа, оние луѓе кои го прескокнуваат појадокот, а за ручек имаат слабо протеински оброк (многу често оние на диета) не се во можност добро да ја регулираат шемата на продукција на овие хормони на расположението во текот на денот па се чувствуваат уморно и нерасположено.

Таа препорачува добро, избалансирано внесување на протеини преку јадење јајца, пилешко, грав, житарки како и риба бидејќи токму таа е богата не само со протеини туку и со потребните омега 3 масни киселини кои се покажало дека ги успоруваат ензимите кои ги уништуваат овие невротрансмитери.

На спротивната страна пак, постојат јадења и типови на храна кои делуваат депресивно на овие супстанции. Простите шеќери ни даваат брз енергетски фикс, но не оставаат после тоа истрошени и уморени. Кофеинот, во поголеми количини знае да ја инхибира продукцијата на серотонин, а останатите вештачки адитиви во процесуираната храна само прават лоша услуга на нашето расположение.

Затоа, внимавајте што консумирате бидејќи голем дел од тоа се одразува на вашето расположение и однесување.