Дај нешто благо, ми падна шеќерот!

Хипогликемијата или пад на нивото на шеќерот во крвта навистина може да се испровоцира од зголемена физичка активност, но сепак основна причина кај здрав организам е нерационален и неквалитетен внес на хранителни продукти, осбено за појадок.

За човечкиот организам, шеќерот или попрецизно гликозата е особено важен поради тоа што таа е основен енергетик на мозочните функции и нагласените физички активности (аеробен циклус). За производство на енергија може да се користат и протеини и масти, но сепак наједноставно и најчисто гориво за нашето тело и мозок се јагленохидратите.

Мозокот е многу чувствителен на недостаток на гликоза, така да падот под 3ммол/Л (гликоза на литар крв) е со јасни телесни симптоми почнувајќи со замор, поспаност, намалена, концентрација, мрзеливост, послаби рефлекси, глад, потење па и главоболка, вртоглавица, пореметени моторни активности до конфузии грчеви и кома.

Форсирано физичко оптеретување води до хипогликемија која лесно може да се коригира со мал шеќерен оброк, но сосема мал за да не направите повторен пад на нивото на гликозата во крвта или реактивна хипогликемија!

Јагленохидратите со висок гликемичен индекс се тие кои најбрзо се апсорбираат во крвта и најбрзо го стимулираат панкреасот на лачење на инсулинот кој е стабилизатор на нивото на гликозата. Повисоките дози излачен инсулин (поттикнати од големите количини на апсорбиран шеќер во крвта) ја депонираат гликозата во клетките повеќе од потребното, а со тоа се намалува концентрацијата на шеќер во крвта како потребен енергенс во мозочните и мускулните активности. Таа состојба е реактивна хипогликемија со последователни телесни реакции.

Како да ја избегнеме оваа состојба?
Основен препорачан ургентен модел е мал балансиран оброк како energy bar или комбинација од житарки и чоколадо кои ќе ја задоволат итната потреба од гликоза, а поголем дел ќе остане заробен во мрежата на растителните влакна (кои што ги содржат житарките) и постапно ќе се ослободува.

Битно е да се знаете дека секоја употреба на прости шеќери доведуваат до „енергетска експлозијa” со услови за хипогликемична состојба. Добар баланс за одржување на гликозата е и фруктозата. Таа, иако е во групата на простите шеќери – моносахариди, сепак за нејзина искористливост е потребно поголемо време за да црниот дроб ја претвори во гликоза, што значи дека за итни состојби не ја бидува.

Гликозата е со единствена шифра која ја познава нашиот организам и затоа се друго освен простите шеќери за да имаа употребна вредност треба да се разложи. Од тука произлегува и препораката за уредно балансирани оброци, еден час пред физичка активност.

Затоа, оптимален препорачан сооднос на макронутрициенсите за правилен скијачки појадок е 70% јагленохидрати, 20% протеини и 10% како гликоза, но под услов јагленохидратниот спектар да биде со умерени количини на прости шеќери, фруктоза и житарки.

Со ова организмот ќе има мали стартни количини на гликоза за покренување на активностите, а понатаму останатите посложени јагленохидрати треба да ги одржуваат нивоата на шеќер во крвта во нормалните граници.